Економистите очекуваат: Инфлација од 1,8% и раст на БДП од 2% за годинава

67

Анкетата за инфлациските очекувања и очекувањата за движењето на реалниот бруто домашен производ (БДП) за периодот 2021 ‒ 2023 година, спроведена во март од Народна банка, упатува на мала нагорна ревизија на очекувањата за просечната стапка на инфлација, додека во однос на очекуваниот раст на БДП покажува надолна ревизија на очекувањата.

Така, како и досега, економските аналитичари ваквите движења и кај инфлацијата и кај БДП ги објаснуваат главно со случувањата и ефектите од глобалната криза предизвикана од пандемијата на Ковид-19 и мерките за справување со неа. Во однос на инфлацијата, очекувањата за 2021 и 2022 се минимално повисоки во однос на претходната анкета и упатуваат на просечна стапка во 2021 година од 1,8% (1,5% во претходната анкета) и 1,9% во 2022 година (1,8% во претходната анкета), а стапка на инфлација од 1,9% се очекува и во 2023 година.

Испитаниците ги објаснуваат своите инфлациски очекувања со следниве фактори: досегашните остварувања на стапката на инфлација, неизвесноста предизвикана од пандемијата на Ковид-19, повисоките цени на храната и енергијата, како и цените на увезените добра. Исто така, испитаниците сметаат дека постепеното надминување на кризата, монетарните и фискалните стимули, растот на домашната побарувачка, како и закрепнувањето на економијата би придонесле кон повисок раст на инфлацијата.

Од друга страна, пролонгирањето на кризата и повторното воведување рестриктивни мерки за справување со вирусот, а со тоа и зголемување на неизвесноста и забавување на закрепнувањето на домашната економија, како и евентуално пониските увозни цени би можеле да доведат до пониска стапка на инфлација.

Во поглед на економската активност, очекувањата на испитаниците упатуваат на понизок раст во 2021 година којшто ќе се движи околу 2% (наспроти растот од 3% во претходната анкета), за 2022 година очекувањата се во основа слични, со стапка на раст од 3,1% (3,3% во претходната анкета), додека за 2023 година испитаниците очекуваат стапка на раст од 3,3%.

Испитаниците ги посочуваат следниве фактори коишто влијаат врз нивните очекувања: продолжувањето на негативните ефекти од пандемијата на Ковид-19 и дополнително воведување заострени рестриктивни мерки, намалувањето на домашната побарувачка поради неизвесноста од пандемијата, воздржаноста на домашните и странските инвеститори, како и намалената странска побарувачка за домашни производи.

Од друга страна, аналитичарите очекуваат дека започнувањето на вакцинацијата дома и во странство, како и побрзото можно справување со коронавирусот во глобални рамки, преземените монетарни и фискални мерки, започнувањето на преговорите за интеграција во ЕУ и враќањето на оптимизмот кај субјектите во економијата (кај потрошувачите и инвеститорите), како и зголеменото остварување на капиталните проекти ќе имаат позитивно влијание врз растот во наредниот период и ќе придонесат за побрзо посткризно закрепнување на економијата.

Во рамки на Анкетата испитаниците даваат и свој поглед за распределбата на веројатноста за остварување определени стапки во зададен интервал. Овие оцени се користат за создавање на агрегатната распределба на веројатностите.

Агрегатната распределба на веројатностите за остварување на дадените стапки на инфлација и БДП во петнаесет интервали се прикажани на следниве графикони, а резултатите главно се совпаѓаат со стапките коишто ги очекуваат испитаниците.

Во согласност со очекувањата за стапките на инфлација, како и неизвесноста од влијанието од глобалната пандемија, во однос на претходната анкета, распределбите на веројатностите за 2021 и 2022 година, упатуваат на мали поместувања кон интервалите со повисоки вредности, додека за сите три години упатуваат и на концентрација на веројатностите во интервалот на очекуваната просечна стапка на инфлација, за секоја година, соодветно.

Во услови на надолно поместување во однос на очекуваната стапка на раст на БДП за 2021 година, поместувањата во распределбата на веројатностите главно се во надолна насока, но истовремено се забележува поголема концентрација во интервалот од 3,5% до 3,9%. За 2022 година, поместувањата на распределбата на веројатностите се исто така во надолна насока, при повисока концентрација во интервалот на очекуваната стапка на раст на БДП, од 3% до 3,4%.

Фото: Pexels