Економската состојба на деловните субјекти во август годинава, раководителите ја оценуваат како поповолна во однос на претходниот месец, а како понеповолна во однос на август 2012 година, велат податоците на Државниот завод за статистика.
Оценката за обезбеденоста на производството со порачки е понеповолна во однос на претходниот месец. Обемот на производството во август 2013 година е поповолен во однос на претходниот месец, очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се понеповолни, додека очекувањата за бројот на вработените се поповолни.
Залихите на суровини и репроматеријали, како и тековните набавки на суровини и репроматеријали во август 2013 се под и околу нормалата.
Залихите на готовите производи пак се зголемени во споредба со месец јули. Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во август 2013 година изнесува 60,7% од нормалното искористување.
Најголемо влијание на ограничувањето на обемот на производството во август 2013 година имаат недоволната странска побарувачка со 26,8%, недоволната домашна побарувачка со 18,7%, неизвесното економско опкружување со 10,2% и финансиските проблеми со 9,9%.