Економскиот раст на Кина нагло забави

32

Економскиот раст на Кина во 2022 година падна на едно од најлошите нивоа по речиси половина век, откако економијата беше силно погодена во четвртиот квартал од сериозни ограничувања поради пандемијата „Ковид-19“ и слабеењето на пазарот за недвижнини. Во исто време, населението на Кина се намали за прв пат по 60 години.

БДП за 2022 година порасна за три отсто, што е значително помалку од официјално објавената цел од околу 5,5 отсто и претставува нагло забавување на растот во однос на 2021 година, кога изнесуваше 8,4 отсто. Со исклучок на растот од 2,2 отсто по првичното ширење на коронавирусот во 2020 година, минатогодишниот раст на БДП е најлош од 1976 година.

Кварталниот раст и некои декемвриски показатели, како што се продажбата на мало, ги надминаа очекувањата на пазарот, но аналитичарите велат дека вкупниот економски моментум низ Кина остана слаб. Пекинг се соочува и со големи предизвици по откажувањето на политиката на нулта толеранција на коронавирусот во декември, пренесе Ројтерс.

Во последниот квартал од минатата година БДП порасна за 2,9 отсто во однос на претходната година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика објавени денеска. Ова покажува дека економскиот раст е забавен во однос на третиот квартал кога изнесуваше 3,9 отсто, но е подобар од 0,4 отсто во вториот квартал и во однос на пазарните очекувања од 1,8 отсто.

Ненадејното опуштање на строгите антивирусни мерки ги зголеми очекувањата за економско закрепнување оваа година, но исто така доведе до нагло зголемување на случаите на Ковид-19 за кои економистите велат дека може да го попречат краткорочниот раст. Аналитичарите предвидуваат „незгодна“ 2023 година за Кина, која ќе биде под закана од нови бранови на инфекција, додека во исто време глобалната побарувачка за нејзиниот извоз слабее.

Населението на Кина се намали за прв пат во последните 60 години, односно од 1961 година, на 1,4118 милијарди во 2022 година, што претставува намалување за 850.000 луѓе во споредба со 2021 година. Стапката на наталитет достигна рекордно ниско ниво од 6,77 раѓања на 1.000 жители, јавува Би-Би-Си. Иако политиката за едно дете беше укината пред седум години, Кина влезе во „ера на негативен раст“, ​​според властите во Пекинг.

Стапката на наталитет е намалена од 7,52 во 2021 година, објави Државниот завод за статистика. За споредба, во 2021 година наталитетот во САД бил 11,06, а во Велика Британија 10,8. Стапката на наталитет за истата година во Индија, која е на пат да ја престигне Кина како најнаселена земја во светот, беше 16,42.

Смртните случаи го надминаа и бројот на раѓања во Кина минатата година. Земјата ја забележа највисоката стапка на смртност од 1976 година со 7,37 смртни случаи на 1.000 луѓе, додека во 2021 година стапката на смртност беше 7,18.