Експедициите на Монт Еверест продолжуваат и покрај пандемијата

Епидемиолошката ситуација во базниот камп на Монт Еверест останува нејасна, бидејќи локалните власти потврдиле дека бројни странски алпинисти се обидуваат да се качат на највисокиот врв на светот.

“Досега имавме околу 100 потврдени случаи во базниот камп Еверест, потврдија лекари, болници, осигурителни компании, водичи на експедиции, пилоти на хеликоптери и самите алпинисти“, рекол Лукас Фуртенбах, од австриска компанија за организација на патувања, кој го евакуирал својот тим овој месец велејќи дека во базниот логор има зголемување на бројот на случаи со коронавирус, пренесува Ројтерс.

Непал, кој секоја година прима милиони долари приходи од алпинистите, издаде 408 дозволи за искачување за Еверест за сезоната од април до мај годинава, откако лани беше затворен врвот поради пандемијата.

Според владини податоци, во Непал се пријавиле 513.241 позитивни и 6.346 смртни случаи од почетокот на пандемијата.

Непал секоја година заработува околу четири милиони долари од дозволите што ги издава на алпинистите. Вообичаено, секој кој сака да се качи на Монт Еверест треба да плати 11.000 долари за да може да учествува во експедицијата. Во овој износ не се вклучени дополнителни такси што се плаќаат на туристичките компании.

Фото: Pexels