Екстра Фунги, компанија чиј квалитет е препознатлив на европскиот пазар

779
2
Сашко Антовски, директор на Екстра Фунги

Екстра Фунги, компанија од Кочани, започна со работа во 1988 година како фамилијарен бизнис и се занимава со откуп, преработка и извоз на високо квалитетни шумски печурки и овошје. Во 2007 година фирмата се проширува, се гради нов модерен објект за ладење, со што се создаваат услови за сопствен извоз и компанијата започнува со повисок степен на преработка на своите продукти. Во 2013 година, со цел да се прошират активностите во областа на овошјето, се гради модерен дел за преработка и нов објект за ладење со голем капацитет. Минатата година Екстра Фунги лансираше нов бренд Extra Food на пакувани замрзнати и суви шумски печурки и замрзнато овошје, за малопродажба во маркетите низ Македонија и надвор од неа.

3

“Околината на Кочани, каде што се наоѓа седиштето на компанијата и преработувачкиот капацитет, е добро позната по своето земјоделско производство. Големиот број на сончеви денови, плодната почва и чистата животна средина во Кочани и целата земја придонесуваат за висок квалитет на овошјето, зеленчукот и шумските плодови”, вели Сашко Антовски, директор на Екстра Фунги.

Најпознати производи на компанијата се: шумски печурки, шумски плодови и овошје. Со долгата традиција во бизнисот со печурки, компанијата нуди широк спектар на свежи, сушени, саламурени и замрзнати печурки како вргањ, лисичарка, јајчарка, рујница, ѓурѓовка, ливадарка, обичен смрчак… Од шумските плодови, во понудата на Екстра Фунги можат да се најдат шипинка, боровинка, капина, аронија, а тука се и овошјата како дињи, сливи, јагоди…

1

Екстра Фунги е извозно ориентирана компанија и речиси 95% од своите производи ги пласира на странските пазари.

“Сигурната и долготрајна соработка и цврстите деловни врски со локалните земјоделци и собирачи на шумски плодови од целата земја овозможуваат Екстра Фунги да биде претпознатлив нa странскиот пазар по својот квалитет, професионализам и сигурност во работењето. Географски најважни ни се пазарите во Франција, Италија, Шпанија, Германија, Чешка, Австрија и останатите земји од ЕУ. Поголем дел од извозот оди за преработувачката индустрија, а дел за директна консумација”, вели Антовски.

4Со поддршка од Проектот на УСАИД за микро и мали претпријатија, компанијата планира да го зголеми својот удел на пазарот преку развивање на производот, како и влез на нови странски пазари преку користење на веќе постоечките воспоставени односи со своите странски деловни партнери.

“Со своето долгогодишно искуство и професионално работење, Екстра Фунги разви високо чуство за потребите на клиентите.

Квалитетот, задоволните клиенти и бизнис етиката се зборовите по кои е препознатлив Екстра Фунги во бизнис културата во Европа”, потенцира Антовски.

Минатата година, во февруари, во Екстра Фунги инвестираше УСАИД преку Micro Investment Fund (MIF/МИФ). Средствата од инвестицијата на МИФ ќе бидат искористени за поддршка на развојот на компанијата и финансирање на обртниот капитал. Инвестицијата во Екстра Фунги и обезбедување на раст на бизнисот ќе доведат до нови можности за вработување. Се очекува компанијата да го зголеми својот тим со 10-15 нови вработени во наредните четири до пет години.

5

8

За фондот: Micro Investment Fund (MIF/МИФ) е Приватен Инвестициски Фонд (Private Equity Fund) формиран во јуни 2012 година со почетен капитал од 800.000 американски долари. Истиот е финансиран од страна на УСАИД и е во рамки на Проектот за развој на микро и мали претпријатија. Развојната цел на фондот е да го забрза креирањето на нови одржливи работни места преку инвестирање и поддршка на брзорастечки компании со потенцијал за понатамошен раст. Фондот инвестира во компании кои имаат реален потенцијал за раст и развој, потенцијал/атрактивност во индустријата во која е активна, конкурентската предност и профитабилност на производот, како и добро организиран и искусен менаџерски тим/сопственици со интегритет, отворени за партнерство, прифаќање на нови идеи и покажување на желба за напредок. Структурата на инвестицијата на Фондот е т.н. мезанин инвестиција (комбинација на кредит и капитал). Моделот на мезанин инвестиција ќе ги таргетира постоечките микро компании кои имаат потенцијал за раст, а истовремено недоволно колатерал за да добијат банкарски кредит. Фондот е активен партнер во фирмите каде што инвестира и учествува во донесувањето на клучните одлуки, како и во креирање на стратегија за развој.

Фондот може да инвестира само во македонски приватни компании, преку превземање на активна, малцинска сопственост не помалку од 10% од сопственоста на компанијата. Со одредени исклучоци, инвестициониот опсег на инвестиции по поединечна компанија може да биде помеѓу 50.000 и 100.000 американски долари, вклучувајќи ги и дополнителните инвестиции во било која портфолио компанија.