Ел Салвадор купи уште 420 биткоини

41

Ел Салвадор официјално купи уште 420 биткоини, се вели во пораката на Твитер од претседателот Наиб Букеле.

Шефот на државата, исто така, објави дека со последното купување, Ел Салвадор веќе поседува 1.120 биткоини.

„Чекањето беше долго, но вредеше. Го искористивме падот на цената и купивме повеќе“, рече тој.

Цената на биткоинот вчера падна под 59.000 долари, што е најниско ниво во последните две недели, откако инвеститорите однесоа дел од профитот од зголемувањето во претходната недела на ново рекордно ниво од речиси 67.000 долари, по успешното котирање на првиот фјучерс фонд за најскапата криптовалута.

Ел Салвадор пријавил профит од биткоинот, бидејќи има фонд во кој има и криптовалути и американски долари, објасни Букеле на Твитер. Кога биткоинот расте, владата ја повлекува таа добивка во американски долари од фондот.

Последен пат Ел Салвадор купи биткоини во септември, кога земјата купи 150 биткоини.
„Не можете да изгубите ако купувате кога цената е намалена“, напиша тогаш Букеле на Твитер.

Ел Салвадор стана првата земја во светот што го усвои биткоинот како официјално платежно средство во септември.

Владата дури почна да ископува биткоини користејќи чиста вулканска енергија.