Електричните автомобили се куп глупости наметнати од Брисел, вели италијански министер

Италијанскиот министер за транспорт и вицепремиер Матео Салвини ги нарече електричните автомобили „куп глупости наметнати од Брисел“.

Салвини на саемот за железници „Експо Феровијарија“ рече дека „возовите и железницата носат одржливост и вистинска еколошка транзиција, а не глупости за електричните автомобили за секого и по секоја цена, кои се само огромен подарок за Кина“, пренесува Анса.

– Би сакал да им се заблагодарам на сите кои работат во железничкиот сектор и кои се вистински поддржувачи на еколошката транзиција, и кои не оставаат илјадници работници без работа – рече Салвини.

Италија уште во февруари го изрази своето противење на европските планови за забрана на продажба на нови автомобили на бензин и дизел за 12 години, а Салвини ја нарече тогаш планираната брза транзиција кон електрични возила „самоубиство“ и „подарок“ за кинеската индустрија.

На почетокот на годината, Европскиот парламент ги изгласа правилата со кои се бара од производителите на автомобили целосно да ги елиминираат емисиите на јаглерод диоксид (CO2) од новите автомобили до 2035 година, што последователно ќе ја оневозможи продажбата на нови автомобили што работат на фосилни горива.