Светот е во постојана борба да пронајде нови форми и извори на енергија, а значаен сегмент во зголемената побарувачка на енергијата се електронските уреди, чиј број постојано се зголемува. Се очекува потрошувачката на енергија во светот да се зголеми за над 40% до 2035 година, покажуваат проценките на американската мултинационална енергетска корпорација, Chevron.
До 2025 година, потрошувачката на енергија на електронските уреди што се приклучуваат на интернет ќе ја надмине годишната потрошувачка на енергија на Русија, покажува извештајот на Меѓународната агенција за енергетика, пренесува турската агенција Анадолија.
Постојаната и зголемена употреба на електронските уреди како што се компјутери, принтери, уреди за пренос на телевизиски канали – set top box, ја зголемуваат и потрошувачката на електрична енергија на светско ниво. Секој човек на планетата во просек лани користел најмалку два електронски уреди.
Вкупниот број на уреди што се поврзуваат на интернет може да се зголеми до 50 милијарди во 2020 и 100 милијарди до 2030 година.
Генерациите на паметни телефони и телевизори, кои ја имплементираат енергетската ефикасност, се одличен пример за заштеда на електричната енергија и се поекономични од претходните модели.