Електронско избирање на идејно решение за плажи на Преспанско и Дојранско Езеро

30

11022012163023_granit-ohrid-plaza-29012На конкурсот за изработка на идејно архитектонско – урбанистички решенија за уредување плажи на езерата, кој беше објавен од Министерството за транспорт и врски во август, пристигнаа девет идејни решенија, од кои четири за плажи на Преспанското Езеро и пет за плажи на Дојранското Езеро.

За идејните решенија кои веќе се поставени на интернет-страницата на Министерството за транспорт и врски граѓаните ќе можат да гласаат преку електронска анкета.

Основно начело што се бараше на конкурсот при изработка на архитектонско-идејното решение беше концептот на заштитата на природната средина и зачувување на автентичноста на некои од обележјата, кои се јавуваат како специфични за тој регион.

Предвидено е на плажите да има планирана песочна површина која би се изнивелирала и попесочила со соодветен автохтон песок, да се почитува постојното зеленило и да се дооформи со автохтони видови, хортикултурно и партерно да се уреди со поставување клупи, фонтани за питка вода, детски игралишта, пешачки патеки од монтажно – демонтажни материјали.

Сервисниот пункт на плажите треба да има шанк со кабина за музика со спецификација на опрема, место за озвучување, санитарен јазол, тушеви, соблекувални, прирачна остава за чадори, лежалки и други реквизити. Треба да биде обележан просторот за капење во езерото заради заштита на капачите од пловни објекти и да се предвиди место за служба за спасување, а местото за седење на спасителот да се осмисли во духот на целата плажа. На плажата треба да се предвидат и места за информативни паноа, безжичен интернет и други погодности за забава и престој.

Откако ќе се изберат идејните решенија ќе се пристапи кон изработка на основните проекти, а потоа ќе се спроведе постапка за издавање на плажите на управување и ќе се дефинираат деталите на колку време ќе се издаваат под закуп и кои ќе бидат условите за идните концесионери.

“Изработките на идејно архитектонско – урбанистички решенија за уредување на плажите на Дојранското Езеро и Преспанското Езеро претставуваат основа за натамошно уредување согласно современите туристички стандарди, како би можеле во текот на туристичката сезона да бидат подготвени сите предуслови за пречек на туристите”, велат од Министерството за транспорт и врски.