Eletre е првиот електричен SUV на познатиот Lotus

73

Со моделот Emira, Lotus лани се збогуваше со бензинските пумпи, најавувајќи дека нивниот бренд наскоро ќе стане целосно електричен. Оваа недела добивме потврда за тоа, како и најава за сосема нов правец во кој ќе оди легендарната британска компанија – имено, беше претставен првиот електричен SUV под брендот Lotus, наречен Eletre.

Од Lotus велат дека ова е првиот „електричен хипер-SUV“ во светот, што би значело дека ќе се наоѓа, очекувано, во повисок ценовен сегмент, каде што ќе им конкурира на класичните луксузни теренци како Lamborghini Urus, или електричните хиперавтомобили. кои не можат да се пофалат со практичноста на кросовер.

Како дел од откривањето на овој модел, беше нагласено дека ќе го придвижуваат два електромотори, секој сместен на една оска, со вкупна моќност од околу 600 КС – во почетната верзија на Eletrе. Забрзувањето од 0 до 100 km/h би требало да трае само 2,9 секунди, а максималната брзина ќе достигне 260 km/h. Силата од моторот ќе се пренесува на патот преку сите (23-инчни) тркала.

Досегот со едно полнење, според циклусот WLTP, треба да измери до 600 километри. Сето ова ќе го овозможат батерии со капацитет од повеќе од 100 kWh, кои можат да се полнат со моќност од дури 350 kW – тоа би значело дека досегот од 400 km во Eletre ќе може да се „полни“ за само 20 минути.

Нема потреба да се трошат зборови за дизајнот на Lotus – очигледно е дека ова ќе биде SUV што ќе ви „сврти глава“, со многу атрактивни детали и препознатлив светлосен потпис. Предната решетка е активна, така што може да се отвори кога на моторите, батериите или сопирачките им треба дополнително ладење.

Од техничките додатоци, Eletre, долг 5,1 метар, ќе доаѓа со вградени лидар сензори од сите страни, кои исто така треба да овозможат автономно возење (не се најавуваат нивоа), а софтверските надградби ќе ги подобрат достапните опции. Во кабината доминира големиот инфозабавен екран од 15,1 инчи, додека пред возачот (и совозачот!) има само околу 3 сантиметри високи, но широки екрани со основни информации.

Lotus ќе започне со масовно производство на електричниот теренец следната година во Вухан, Кина, а можната продажна цена не е објавена.