Енергетскиот систем отпорен на актуелната здравствено-економска криза

66

Енергетскиот систем беше стабилен во време на вонредната состојба, но и сега се покажува дека е отпорен на актуелната здравствено-економска криза, што е резултат токму и на квалитетната регулација на енергетскиот сектор, при што се земаат предвид сите параметри од работата на енергетските компании, во согласност со законската регулатива, рече претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски на денешниот работен состанок со заменик-амбасадорот на Сојузна Република Германија, Ото Граф, пренесе МИА.

“Сигурна и стабилна испорака на електрична и топлинска енергија за граѓаните ни е приоритет. Работејќи на регулативата која ја усогласивме со законодавството на ЕУ по насока од Енергетска заедница предвидовме и посебен дел за ранливите потрошувачи кои се заштитени во овие зимски месеци. Снабдувачот во зимските месеци декември, јануари и февруари не смее да ги исклучува ранливите потрошувачи поради неплатени сметки. Се покажа дека механизмот за заштита на ранливите потрошувачи, што е пракса од ЕУ, е значаен во вакво време на здравствено – економска криза“, истакна Бислимоски.

Според него, РКЕ фокусирано работи на мапирање на градот во однос на греењето, за што се отпочнати консултации и со градежните комори.

Бислимоски и Граф се согласија дека енергетската независност е клучна и се обезбедува преку континуирани инвестиции во секторот.

Граф се заблагодари за приемот во РКЕ и разговорот за регулаторните прашања во Северна Македонија, пред се, во поглед на пристапниот процес во ЕУ, како и нивното значење за инвеститорите.

Во однос на идните активности, еден од предизвиците на РКЕ ќе биде дооформувањето на регулативата поврзана со испораката на гас во очекување на исходот од објавениот тендер за гасификација на земјава, како и реализацијата на проектите што неодамна се најавени за изградба на терминалот за течен природен гас близу Александрополис во Грција.

Фото: Freepik