
Нови Правила за сајбер безбедност за објектите за производство, складирање и системите за пренос и дистрибуција на електрична енергија донесе Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ).
Со овие правила РКЕ ја засилува својата улога во областа на сајбер безбедност со што се очекува да се обезбеди повисоко ниво на сигурност, стабилност и доверба во енергетскиот систем, во интерес на граѓаните, стопанството и националната безбедност.
Правилата ќе важат за МЕПСО, Електродистрибуција, МЕМО, снабдувачи за електрична енергија, големи производители (200 MW), оператори на складишта со електрична енергија (50W), НОМАГАС, операторите за дистрибуција на гас (Куманово Гас, Струмица гас и ТИРЗ) и операторите на постројки за производство на
водород или биогас.
Станува збор за подзаконски акт усогласен со европските стандарди преку чија имплементација ќе се зајакне заштитата на енергетскиот систем на државата од сајбер напади и технолошки ризици.
Новите правила предвидуваат протоколи за управување со ризици, инциденти и кризи, како и протокол за известување во случај на значајни сајбер безбедносни напади, план за закрепнување, обуки за подигање на свест.
Енергетските компании имаат 30 дена да именуваат службеници за сајбер безбедност
Енергетските компании кои управуваат со критичната инфраструктура треба за триесет дена да назначат посебен службеник, а за шест месеци да формираат тимови за сајбер безбедност, додека за една година имаат обврска да направат проценка на ризици, план и закрепнување во случај на сајбер напад, како и систем за резервни копии.
Новите правила се целосно нов регулаторен модел, кој од техничка сајбер заштита преоѓа во управување со национално-критичен ризик.











