ЕЦБ: Намален бројот на нови кредити

56

Во јануари забави и растот на банкарското кредитирање во еврозоната, а монетарниот агрегат М1, кој претставува основна мерка на паричната маса, се намали за првпат откако Европската централна банка (ЕЦБ) собира податоци, пренесува Хина.

Во јануари годишната стапка на раст на кредитирањето на приватниот сектор забави на 3,8 отсто, од 4,3 отсто во декември, објави ЕЦБ.

Прилагодените кредити на приватниот сектор се зголемени за 4,9 отсто во однос на истиот месец лани и нивниот раст е исто така за 0,5 процентни поени помал од декември. Кредитите на домаќинствата и компаниите исто така ослабеа на почетокот на 2023 година, покажува извештајот.

Годишната стапка на раст на прилагодените кредити на домаќинствата со тоа се намали на 3,6 отсто, од 3,8 отсто во декември, а прилагодените кредити на нефинансиските институции од 6,3 на 6,1 отсто, се наведува во соопштението.

Поширокиот монетарен агрегат М3 во јануари порасна за 3,5 отсто во однос на истиот месец претходната година, по зголемувањето од 4,1 отсто во декември. Годишната стапка на нејзиниот раст забави четврти месец по ред и е најниска од ноември 2014 година.

Најтесниот монетарен агрегат М1, кој ги опфаќа паричните средства во оптек и депозитите преку ноќ, забележа пад во јануари за 0,7 отсто на годишна основа, за прв пат од прибирањето на податоците. Неодамна, во декември беше зголемен за 0,6 отсто.

Последниот извештај покажува дека мерките за затегнување на монетарната политика на ЕЦБ несомнено влијаат на паричната маса и задолжувањето на приватниот сектор, што ќе го намали економскиот раст и инфлацијата во 2023 година, изјави економистот на ИНГ банка Берт Колин.

„Веруваме дека влијанието на циклусот на зголемување на каматните стапки врз економската активност оваа година е потценет“, додаде Колијн.