ЕУ договори помош од 14 милијарди евра за Западен Балкан и Турција

43

Советот на Европската унија постигна преоден договор за претпристапната финансиска помош за земјите од западен Балкан и Турција, јави дописничката на МИА од Брисел.

Претпристапната помош за периодот 2021-2027, попозната како ИПА 3 програмата, е на пат да биде усвоена откако вчера Советот на ЕУ (земјите членки) постигна договор со Европскиот парламент за овој предлог на Европската Комисија.

ИПА 3 предвидува финансиска асистенција од 14 милијарди евра за земјите од Западен Балкан и Турција.

Предлогот ќе биде конечно усвоен откако Советот ќе даде политичко одобрување со квалификувано мнозинство, но не се очекуваат пречки.

Португалското претседателство го поздрави договорот преку државната секретарка за европски прашања, Ана Паула Закариаш.

“Претпристапната помош ги поддржува примателите да усвојат и спроведат клучни политички, институционални, социјални и економски реформи за исполнување на вредностите на ЕУ и постепено да се усогласат со правилата, стандардите и политиките на ЕУ“, рече Закариаш.

ИПА 3 е предмет на преговори повеќе од една година помеѓу Парламентот и Советот, предлогот беше поднесен за првпат во јуни 2018 од страна на Европската комисија. 

Фото: Pixabay