ЕУ го потпиша договорот со Велика Британија – кои се новите правила

60

Европската унија потпиша договор за трговија со Велика Британија.

Претседателот на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во име на ЕУ го потпишаа Договорот за трговија и соработка со Велика Британија, којшто ќе стапи на сила на први јануари 2021 година.

“Тоа е фер и избалансиран договор кој целосно ги штити основните интереси на Европската унија и создава стабилност и предвидливост за граѓаните и компаниите“, рече Мишел.

Во истата прилика, ЕУ го потпиша Договорот за безбедносни постапки при размена и заштита на доверливи информации со Велика Британија, како и Договорот за заедницата за атомска енергија.

По потпишувањето во Брисел, сите три документи, во два примерока, одат во Лондон, каде што ќе ги потпише британскиот премиер Борис Џонсон.

Една копија од потпишаните договори ќе се чува во Лондон и Брисел.

Ова се новите правила:

Слободното патување ќе заврши на први јануари 2021. Велика Британија ќе применува сопствен систем за имиграција за граѓаните на ЕУ. Британците беа предупредени да не заминуваат за Европа со пасош што истекува во рок од шест месеци, да го земат потребното здравствено осигурување, да проверат со тарифите за роаминг со нивниот телефонски оператор.

Многу Британци веројатно ќе бидат шокирани од фактот дека на аеродромите ќе треба да се редат во заедничка редица отколку во редот за приоритет за патниците во ЕУ.
За оние што живеат во ЕУ, а примаат пензија од Велика Британија, зголемувањето на пензијата ќе одговара на стапката на инфлација. Оние што ќе се преселат во ЕУ од јануари ќе може да добиваат пензија од Велика Британија во иднина, но износот зависи од преговорите.

Британците што живеат во ЕУ годинава и Европејците што живеат во Велика Британија ќе имаат пристап до здравствените услуги како и досега, но не е јасно што ќе се случува со оние што ќе се преселат по 1 јануари.

Британците ќе возат со британска возачка дозвола, но ќе им биде потребен зелен картон.

Фото: Pixabay