ЕУ го усвои планот на раст за Западен Балкан: Две исплати годишно, со исполнети услови

16

Советот на Европската унија даде зелено светло за воспоставување на Фондот за реформа и раст за Западен Балкан, нов инструмент за поддршка на реформите во врска со ЕУ и економскиот раст во регионот.

Со оваа одлука се заклучени сите процедури и непосредно после објавувањето во службениот весник на ЕУ, одлуката стапува на сила.

Од тој момент земјите од Западен Балкан, ќе бидат повикани да ги поднесат своите Реформски агенди на Комисијата, во кои ќе бидат наведени социо-економските и фундаменталните реформи кои планираат да ги преземат во следните три години.

Главниот збор при одобрувањето на финансиските средства ќе го имаат земјите членки на ЕУ. Кога предусловите за поддршка не се исполнети, тогаш ЕУ може да одлучи да го суспендира давањето на средствата.

Планот за раст на Западен Балкан е во периодот од 2024 до 2027 година. Планирано е да се обезбедат шест милијарди евра за земјите од регионот. Две милијарди евра се во грантови, четири милијарди во форма на заеми со многу поволни рати.

Планирани се финансиски средства за поддршка на голем број социо-економски и фундаментални реформи, вклучително и реформи поврзани со владеењето на правото и основните права.

За да добијат поддршка во рамките на овие инструменти, земјите од регионот мора да подготват Реформска агенда, во која ќе ги наведат реформите што планираат да ги преземат за да ги постигнат целите.

Србија и Косово имаат уште еден услов, кој се однесува на нормализација на односите.