ЕУ и Латинска Америка се смирија: Заврши “војната за банани”

47

Европската унија и десет земји од Латинска Америка потпишаа договор кој означува крај на таканаречената “војна за банани”. Тоа беше меѓународен спор што се однесува на тарифите за тргување со ова јужно овошје.

Документот е потпишан во седиштето на Светската трговска организација (СТО) во Женева. Директорот на СТО, Паскал Лами го поздрави овој договор, до кој дојде после дводецениски политички расправии и го нарече “историски момент”, пренесува BBC.

“Војната за банани” започна во 1991 година, кога претставници на Костарика ја обвинија Европа дека на произведувачите на банани од своите поранешни колонии во Африка и на Карибите им овозможува увоз во ЕУ под поповолни услови, на штета на латиноамериканските земји. Ставот на Костарика го поддржаа и другите земји во регионот и започнаа заедничка борба за намалување на царините за увоз на банани во ЕУ. Во 2009 ЕУ одобри договор кој предвидуваше постепено намалување на давачките за увоз на ова овошје од Латинска Америка. Во согласност со тој документ, царината на латиноамериканските банани до 2017 година ќе бидат намалени за 35%, од 176 на 114 евра по тон.