ЕУ ќе мора да увезува шеќер

123

Производството на шеќер во ЕУ и Велика Британија од минатогодишната реколта на шеќерна репка може да биде за 10 % пониско во споредба со претходната година, така што ЕУ ќе мора да увезува шеќер, пренесува интернет порталот agroklub.rs.

Се наведува дека причините за падот на производството се незаинтересираноста на земјоделците за шеќерна репка заради ниските цени, сушите, болестите и штетниците што ја напаѓаат шеќерната репка и забраната за употреба на некои пестициди.

Земјоделците во Франција и Германија, кои се водечки земји во производството на шеќер во ЕУ, посеале 2,3 % помалку шеќерна репка во 2020 година, што предизвика затворање на голем број фабрики за шеќер во тие земји.

“Очекувам дека оваа индустрија веројатно повеќе нема да може да ја снабдува прехранбената индустрија“, рече д-р Херман Јозеф Шмиц од Pfeifer & Langen.

Тој додаде дека поради сушата и вирусните заболувања во Франција, приносот на шеќерна репка е намален за околу 25 %, што е најлош резултат во последните 20 години.

Шмиц процени дека цената на белиот шеќер на европскиот пазар во октомври 2020 година поради увозот од Бразил падна на 381 евро за тон, што не е доволно за одржливо одгледување шеќерна репка во ЕУ.

Фото: Pixabay