ЕУ подготвува фискална реформа по расходите за закрепнување од Ковид-19

74

Европската унија оваа недела почна да работи на ревизија на своите фискални правила, со оглед на воведување нови концесии за да се олеснат потребните инвестиции за земјите -членки.Европската комисија започна јавна дебата за таканаречениот Пакт за стабилност и раст – фискалната рамка за нивото на долгот и дефицитот на земјите. ЕУ го замрзна пактот во март 2020 година за да им даде флексибилност на земјите -членки да одговорат на кризата со коронавирусот.

„Силната фискална поддршка обезбедена за време на пандемијата доведе до повисоко ниво на долг“, рече економскиот комесар на ЕУ, Паоло Џентилони, цитиран од Блумберг. „Овие предизвици го прават уште попотребно да се има транспарентна и ефективна фискална рамка“, додаде тој.

Пактот за стабилност и раст бара од земјите да таргетираат буџетски дефицит помал од три отсто и товар на долгот помал од 60 отсто од бруто домашниот производ.
Меѓутоа, какви ќе бидат барањата отсега, не е јасно, бидејќи земјите -членки остануваат поделени околу тоа дали и до кој степен строгите правила треба да се ублажат. Покрај тоа, за некои измени на пактот е потребна согласност од мнозинството земји -членки, додека други бараат дури и едногласност, нешто што е тешко да се постигне.

Во септември, група од осум земји предупредија дека за прилагодување на правилата кон новата ситуација вреди да се разговара „само ако новите предлози не ја загрозат фискалната стабилност“.
Како прв чекор, ЕК ќе претстави нови фискални насоки во првиот квартал од 2022 година, кои ќе ги земат предвид високите нивоа на јавниот долг во ЕУ при поставување цели за намалување на долгот за 2023 година.„Сите знаеме дека треба да одржуваме фискален став за поддршка и, во исто време, да ја направиме таа поддршка поселективна“, нагласува Џентилони.

ЕК исто така е подготвена да ја разгледа можноста за трајна ревизија на правилата, што бара сериозни напори за балансирање на јавните финансии на земјите-членки.