ЕУ постигна договор за ковид сертификати

Европската унија постигна договор за ковид сертификати што би требало да помогнат за отворање на летната сезона во Унијата, објави Европскиот парламент.

Европарламентарците и португалското претседателство на ЕУ постигнаа договор по четири круга преговори.

Сертификатот ќе биде во форма на QR код на паметни телефони или на хартија, а властите со негова помош ќе може да одредат каков ковид статус има секое лице кои сака да патува.

Кодот ќе покаже дали лицето е вакцинирано, негативно на коронавирус или има имунитет по прележана болест. Во пракса, тоа ќе бидат три различни потврди.

“Иако договорот не ги исполнува во целост барањата на Европскиот парламент, значително ќе го подобри моменталниот status quo за милиони граѓани на ЕУ“, рекол Хуан Фернандо Лопез Агилар, претседател на Одборот за граѓански слободи.

Се очекува дигиталната потврда да ја врати слободата на движење во рамки на ЕУ бидејќи земјите членки почнуваат да ги укинуваат ограничувањата ширум Европа

Постигнатиот договор е прв чекор кон закрепнување на подрачјето на Шенген.

Уредбата за дигитални потврди ќе биде на сила 12 месеци и потврдата нема да биде предуслов за остварување право на слободно движење и нема да се смета за патна исправа.

Фото: Pexels