ЕУ претстави Глобална инвестициска агенда за Латинска Америка и Карибите

40

ЕУ денеска ја претстави Глобалната инвестициска агенда за Латинска Америка и Карибите, посветена на спроведувањето фер зелена транзиција и инклузивна дигитална трансформација, развој на човечките потенцијали и зајакнување на задравствените системи, за што се предвидени над 45 милијарди евра до 2027 година.

Говорејќи на Бизнис форумот, што се одржува во рамки на денеска започнатиот дводневен Самит на лидерите на ЕУ и на Заедницата на државите од Латинска Америка и Карибите (ЦЕЛАЦ), претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен истакана дека ЕУ планира да инвестира над 45 милијарди евра во земјите од Латинска Америка и Карибите, со цел да се обликувава висококвалитетна инвестициска агенда во корист на двата региони.

– Се договоривме за секторите и вредносните системи на кои треба да им се даде приоритет, почнувајќи од чистата енергија и клучните суровини, па до здравството и образованието.

Не се работи само за тоа колку трошиме, туку и како инвестираме. Програмата е со највисоки еколошки и социјални стандарди и транспарентност.

Ова е европскиот начин на водење бизнис, рече Фон дер Лајен.

Таа посочи дека Латинска Америка и Карибите од една и Европа од друга страна денес во време поконкурентен и конфликтен свет, се потребни едни на други повеќе од кога било досега.

– Сè уште оптоварен од тешките последици на пандемијата со Ковид-19, светот денес е под силно влијание на руската агресија врз Украина и растечката самоувереност на Кина.

Тоа значи дека треба да ги направиме нашите економии поотпорни на надворешни шокови и мора да се бориме против нееднаквоста и сиромаштијата во нашите општества. Тоа значи дека ни требаат партнери на кои можеме да им веруваме, истакна Фон дер Лајен.

Претседателката на ЕК додаде дека Европа сака да започне ново партнерство со регионот на Латинска Америка и Карибите и затоа Самитот ЕУ-ЦЕЛАЦ е толку многу значаен.

– Првпат по осум години, лидерите на нашите два континента се собираат за да разговараат, меѓу другото и за заедничката инвестициска агенда за Латинска Америка и Карибите.

Треба да слушнеме од вас за секторите на кои сакате да се фокусирате и за тесните грла што треба да ги решиме заедно, за да може Европа да инвестира токму онаму каде што ви е најпотребно.

Тоа е нов почеток со старите пријатели со кои треба да ги здружиме силите, додаде Фон дер Лајен.

Глобалната инвестициска агенда за Латинска Америка и Карибите вклучува листа од над 130 проекти, меѓу кои и партнерство за снабдување со клучните суровини, проширување на телекомуникациските мрежи во бразилскиот регион на Амазон, електрификација на јавниот транспорт во Костарика, изградба на метро линија во Колумбија, воведување на 5Г широкопојасна мрежа на Јамајка, надградба на електричната мрежа во Парагвај, заштита на амазонските тропски шуми, поддршка на здравствените системи, намалување на нееднаквоста и сиромаштијата и зацврстување на социјалната кохезија, како и зајакнување на дигитална соработка меѓу двата региони и создавање на два регионални центри за намалување на ризиците од елементрани непогоди и климатските промени и за мониторинг на копно и море.

Третиот самит на лидерите на ЕУ и ЦЕЛАЦ, што денеска и утре се одржува во Брисел, се очекува да придонесе за натамошно зајакнување на партнерството меѓу Унијата и земјите од латиноамериканскиот и карипскиот регион и да се разговара за заедничките напори за постигнување фер зелена и дигитална транзиција, како и да се манифестира „посветеност за одржување на меѓународниот поредок заснован на правила“.

Со Самитот претседаваат претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и премиерот на Сент Винсент и Гренадини, Ралф Гонсалвес, во својство на претседавач на ЦЕЛАЦ, а меѓу останатите на него учествуваат и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, високиот претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, членови на Европската комисија, претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, како и претседатели и премиери на земјите од ЕУ и државите од Латинска Америка и регионот на Карибите.

Во рамки на Самитот се одржува и Бизнис форум, на чие отворање покрај Фон дер Лајен, се обратија и бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва, шпанскиот премиер Педро Санчез и првите луѓе на Интерамериканската развоја банка и на Развојната банка на Латинска Америка, Илан Голдфајн и Серхио Дијаз-Гранадос.

На форумот се предвидени неколку тркалезни маси посветени на енергетската транзиција, одржливата и инклузивна економска интеграција, инвестицискиот потенцијал на карипските земји, Е-мобилноста, дигиталната трансформација, одржливоста на финансискиот сектор и подобрување на отпорноста на здравствените системи, на кои ќе говорат претставници на Еврокомисијата и на институции, организации и компании од Европа, Латинска Америка и Карибите.

На маргините на Самитот предвидени се и билатерални средби на лидерите на ЕУ и земјите членки со претставници на државите од ЦЕЛАЦ, како и потпишување на Меморандуми за разбирање меѓу Унијата и Аргентина.

Во пресрет на Самитот, Европската унија ја најави програмата наречена „Инклузивни општества“, вредна 60 милиони евра, наменета за намалување на нееднаквоста и за промоција на инклузивни и рамноправни општества во латиноамериканските и карипските земји, како и 43 милиони евра помош за 2023 година за справување со последиците од елементарни непогоди во регион на Латинска Америка и Карибите.