
Европската унија сака глобално усогласени правила за употреба и развој на вештачка интелигенција способна да создава оригинална содржина, како што се текст, видео и слики, и да биде светски лидер во регулирањето на таа област, изјави минатата недела во Европскиот парламент заменик-претседателката на Комисијата, Вера Јоурова.
Европската унија е глобален лидер во регулирањето на генеративната вештачка интелигенција (ВИ), односно вештачката интелигенција која создава оригинална содржина, рече Јоурова во дискусијата со европратениците на пленарната сесија во Стразбур.
Ниту еден друг регион не е толку напреден во развојот на сеопфатната, обврзувачка регулаторна рамка неопходна за ефикасно справување со ризиците и можностите на вештачката интелигенција – тврди Јоурова.
Во јуни, Европскиот парламент го усвои својот став за правилата за употреба и развој на вештачка интелигенција, особено предупредувајќи за ризиците, со цел употребата на оваа технологија во ЕУ да не доведе до кршење на човековите права. Парламентот, Советот на ЕУ, односно владите членки и Комисијата треба да ги усогласат своите ставови во тријалог до крајот на годината, а ЕУ може да биде првата во светот која ќе добие правила за користење на оваа технологија.
Во дебатата насловена „Глобална конвергенција на генеративната вештачка интелигенција“, Јоурова посочи дека „предлогот на ЕУ за Законот за вештачка интелигенција е европски одговор за решавање на ризиците од вештачката интелигенција и зајакнување на довербата на граѓаните во оваа технологија“.
Предложените правила на ЕУ вклучуваат, на пример, одредби за транспарентност кои предвидуваат дека корисниците мора да бидат информирани за тоа дали имаат интеракција со чет-ботови, програми за компјутерски разговори или гледаат т.н. deepfake, производ на убедлива компјутерска манипулација со слика, видео или звук.
Меѓу системите на генеративна вештачка интелигенција, најпопуларен во моментов е „chatbot“ ChatGPT, кој за само два месеци од неговото лансирање на крајот на минатата година собра 100 милиони корисници.











