Русија е главниот европски снабдувач на гас, кој Европејците во последно време скапо го плаќаат.
Сепак, во последниве недели ситуацијата се влоши поради украинската криза и заканата на Западот со санкции против Русија доколку ја нападне соседната земја и знаците дека казнените мерки може да вклучуваат руска нафта и гас.
Поради сето тоа, Европската унија сака да воведе обврска земјите-членки да го полнат складиштето за гас пред секоја зима за да можат да се справат со евентуални нарушувања во снабдувањето, покажува нацрт-документот.
Цените на гасот во Европа драстично се зголемија во последните месеци, достигнувајќи рекордни нивоа, бидејќи тесната понуда се совпадна со силната побарувачка, поттикната од закрепнувањето на економијата од кризата со коронавирусот, пишува SEEbiz.
ЕУ задоволува околу 90 отсто од потребите за гас со увоз, од кои околу 40 отсто со увоз од Русија.
На 2 март, Европската комисија ќе предложи чекори кои треба да ја подобрат отпорноста на европскиот енергетски систем на можни шокови во снабдувањето и зголемување на цените.
Пазарните стимулации веројатно нема да бидат доволни за компаниите да складираат доволно гас, бидејќи се очекува неговите цени да останат високи барем до крајот на оваа година, наведува Комисијата во документот.
Предлогот предвидува и земјите да им пропишуваат на компаниите минимално ниво на залихи што ќе го складираат на нивната територија, со можност за финансиски стимулации.
Компаниите обично ги надополнуваат магацините надвор од зимската грејна сезона поради пониските цени на големо и помалата побарувачка во летната сезона.
Тоа не се случи минатата година, а складиштата за гас во Европа во моментов се полни околу 32 отсто, во споредба со околу 40 отсто пред една година.











