
Европската Унија ќе работи на тоа да обезбеди пониските американски царини за извоз на автомобили да се применуваат ретроактивно од 1 август, изјави европскиот комесар за трговија Марош Шефчовиќ, откако трансатлантските партнери ги изложија деталите за рамковниот трговски договор постигнат во јули.
Во заедничка изјава, двете страни, меѓу другото, забележаа дека американските царини од 15 проценти ќе се применуваат за поголемиот дел од увозот од ЕУ, објави Ројтерс. Трансатлантските партнери, исто така, ги истакнаа обврските, вклучувајќи го и ветувањето на Европската Унија да ги елиминира царините за американските индустриски стоки и да даде преференцијален пристап до пазарот на широк спектар на американски морски плодови и земјоделски производи.
Вашингтон ќе преземе чекори за намалување на сегашните американски царини од 27,5 проценти за автомобили и автоделови (огромен товар за европските производители на автомобили) кога Брисел ќе го воведе законодавството потребно за спроведување на ветените намалувања на царините за американските стоки.
Во соопштението се наведува дека САД официјално ќе ги намалат царините за автомобили и автоделови на првиот ден од месецот во кој ЕУ го воведе гореспоменатиот закон.
Европскиот комесар за трговија, Марош Шефчовиќ, изјави дека Европската комисија „цврсто има намера“ да ги презентира своите предлози во врска со гореспоменатиот закон до крајот на овој месец, што значи дека намалувањето на американските царини за автомобили ќе стапи на сила од 1 август.
Висок функционер на администрацијата на Трамп, зборувајќи под услов да остане анонимен, рече дека европските производители на автомобили би можеле да почувствуваат олеснување од сегашните американски царини во рок од, како што се надева, неколку недели.











