
Германската нискобуџетна авиокомпанија „Еуровингс“ објави дека ќе ги пополни празнините во зимскиот распоред на летови на меѓународниот аеродром во Берлин со поголем број летови и нови дестинации, по објавата на ирскиот „Рајанер“ за затворање на базата.
„Рајанер“ има намера да ги повлече сите седум свои авиони стационирани во Берлин кон крајот на октомври и да го преполови бројот на летови во зимскиот распоред.
Базата ќе биде затворена на 24 октомври, а авионите ќе бидат преместени на поевтини аеродроми во други европски земји кои ги укинаа даноците за воздушен сообраќај, вклучувајќи ги Шведска, Словачка, Албанија и Италија, објави ирскиот превозник кон крајот на април.
Рајанер ја објасни одлуката за затворање на оперативната база поради високите оперативни трошоци, истакнувајќи го најновото зголемување на надоместоците, за 10 проценти. Ова ги зголеми веќе високите трошоци за водење бизнис уште повеќе.
Еуровингс, членка на групацијата Луфтханза, објави дека ќе додаде уште два авиона во својата флота на аеродромот Берлин-Бранденбург и ќе понуди дополнителни летови во текот на зимската сезона, објавува Хина.
Меѓу новите дестинации, Еуровингс ја спомена Болоња, до која Рајанер претходно леташе од Берлин. Подружницата на Луфтханза, исто така, ќе воведе дополнителни летови до Канарските Острови, со дестинации на островите Фуертевентура, Гран Канарија, Ланзароте и Тенерифе. Флотата на Еуровинг с на аеродромот во Берлин со тоа ќе се зголеми на 11 авиони и ќе лета до речиси 50 дестинации.
„Веруваме во Берлин и гледаме добри перспективи за таа локација, и покрај бројните кризи“, рече извршниот директор на „Еуровингс“, Макс Ковнацки.
На почетокот на април, германската влада одобри намалување на даноците за воздушен сообраќај, кое треба да стапи на сила во јули. Со таа одлука, данокот треба да се врати на нивото од мај 2024 година со цел да се стимулира закрепнувањето на секторот.











