ЕВН организираше детски камп за енергетска ефикасност

32

evnУчилишниот проект на ЕВН Македонија за оваа учебна година се заокружи со детскиот камп во Струга каде што основците од земјава учествуваа во квиз-натпреварите за енергетска ефикасност.

Преку најразлични игри, забава и едукација во детскиот камп знаењето го докажуваа учесници од сите петнаесет училишта во кои ЕВН Македонија годинава организираше континуирана настава за енергетска ефикасност.

На прво место се најдоа учениците од ОУ Дитурија од скопската Општина Сарај, второто место им припадна на учениците од ОУ Братство и единство од Охрид, а трети завршија основците од Лирија од Општина Чаир – Скопје. Најдобрите ученици поделија мини електронски сметачи, апарати за мерење на ефикасното трошење на електричната енергија, училишни прибори и други награди.

Кампот се оддржа во одмаралиштето на Црвен Крст Солферино во Струга, во чии рамки волонтери од повеќе младински организации работеа на изработка на едукативни игри во кои се натпреваруваа учесниците на енергетскиот квиз.

Ова е шеста година по ред како ЕВН Македонија ја спроведува посебната програма за едукација на најмладите за разумно користење на електричната енергија. Проектот се спроведува во соработка со здружението Конект како фасилитатор на активностите на терен на локалните организации: МАЦЕФ од Скопје, Младински Совет Охрид, Планетум од Струмица и Жетва на знаење од Прилеп. Искуството од соработката е многу позитивно, и проектот досега е добитник на повеќе награди за општествена одговорност.