Еврокомесарот за клима поднесе оставка

62

Европскиот комесар за клима, Франс Тимерманс, поднесе оставка откако беше потврден како кандидат за премиер на Холандија, со цел да ја обедини левицата во најподелениот политички систем во Европа.

Тимерманс беше избран во вторникот за лидер на комбинираната кампања на неговата Лабуристичка партија и Зелените, новоформирана алијанса која има мало водство во последните анкети пред општите избори во ноември, пишува Фајненшл тајмс.

Според проценките на аналитичарите, за формирање влада ќе му требаат уште најмалку три помали партии, бидејќи на неговите најверојатни сојузници, социјалистите и либералдемократите, не им оди најдобро во електоратот и сметаат на едноцифрен процент на поддршка.

Тимерманс го привлече глобалното внимание во 2014 година кога одржа впечатлив говор во ОН како холандски министер за надворешни работи, по соборувањето на патнички авион над Украина, при што загинаа 196 холандски државјани. Во таа прилика тој ги обвини проруските сили во Украина дека се одговорни за соборувањето на авионот.

Тимерманс се залага за „зелениот договор“ на ЕУ за намалување на емисиите на јаглерод од 2019 година како потпретседател на Европската комисија. Неговите должности во ЕК веднаш ќе ги преземе Марош Шефчовиќ, кој на таа функција ќе остане до именувањето на нов комесар од Холандија.