Еврообврзницата донесе каматна заштеда од 82,2 милиони евра

16

Кредибилитетот на инвеститорите во нашата економија и политиките кои се спроведуваат расте, согласно тоа се намалува каматната стапка по која би купиле еврообврзница од нас.

“Осмата еврообврзница ја издадовме по убедливо најниска каматна стапка од 1,625% која е неколкукратно пониска од сите претходно издадени еврообврзници од земјава, но истовремено е пониска и од каматните стапки по кои другите земји во регионот неодамна издадоа еврообврзници. Доколку се направи споредба со еврообврзницата од 2014 година, која треба да се рефинансира со оваа, каматната заштеда е 82,25 милиони евра“, посочи министерот за финансии Фатмир Бесими на денешната прес-конференција по повод издавањето на осмата еврообврзница.

“На вчерашната аукција, имавме за 2,3 пати повисока побарувачка од страна на меѓународните инвеститори. Имено, ако понудата за осмата еврообврзница беше 700 милиони евра, побарувачката беше 1,6 милијарди евра од страна на над 130 меѓународни инвеститори. Она што е особено охрабрувачки од аспект на меѓународниот пазар на капитал е дека за само девет месеци има значително подобрување на перспективите на нашата економија и нејзиниот потенцијал кај меѓународните инвеститори. Така, каматната стапка на седмата  еврообврзница, која беше издадена на почетокот на корона-кризата во јуни 2020 година, изнесуваше 3,625%. Сега каматната стапка е 1,625% или за 2,05 процентни поени помалку. Во овој период се донесоа и почнаа да се спроведуваат третиот, четвртиот и петтиот пакет антикризни мерки, кои заедно со другите политики, влеваат сигурност за нашата економија кај инвеститорите. Оттаму, цената на капиталот кој ни го позајмуваат е по исклучително пониска каматна стапка, која е приближно иста цена со домашните државни хартии од вредност со слична рочност. Во споредба со други еврообврзници издадени во време на светска економска криза, односно еврообврзницата издадена во 2009 година, која има каматна стапка од 9,785%, разликата е уште поизразена“, рече министерот за финансии.

Тој посочи дека ако се направи споредба со други економии од регионот и пошироко кои издадоа еврообврзници во последните неколку месеци, нашата економија ужива поголема доверба кај инвеститорите, односно пониска каматна стапка.

“Минатата недела Хрватска издаде две еврообврзници од по милијарда евра, од кои едната со каматна стапка од 1,75% додека другата од 1,125%. Понатаму минатата недела и Србија излезе на меѓународниот пазар на капитал со еврообврзница од милијарда евра и постигна каматна стапка од 1,65%. Еврообврзниците кои ги издаде Турција кон средината на јануари годинава, од по 1,75 милијарди евра, беа со каматни стапки од 4,75% и 5,875%. Во декември минатата година Украина издаде еврообврзница од 600 милиони евра со камата од 7,253%. Црна Гора на почетокот на декември минатата година издаде еврообврзница во износ од 750 милиони евра со камата од 7,253%. Понатаму, Романија кон крајот на ноември издаде две еврообврзници во износ од милијарда и пол евра со каматна стапка од 2,625 и од милијарда евра со каматна стапка од  1,375%. Турција, исто така, ноември минатата година издаде еврообврзница во износ од 2,3 милијарди евра со каматна стапка од 5,95% и Србија од 2 милијарди евра со каматна стапка од 2,125% – рече Бесими.

Министерот посочи дека иако сумата на осмата издадена еврообврзница е 700 милиони евра, нето-повлекувањето по основ на оваа еврообврзница е 200 милиони евра. Имено, со средствата од осмата еврообврзница ќе се рефинансира еврообврзницата издадена во 2014 година во износ од 500 милиони евра. Еврообврзницата од 2014 година е издадена со каматна стапка од 3,975% со рочност од седум години или за 2,35 процентни поени повисоко во однос на еврообврзницата издадена сега, што значи дека по основ на камата ќе се заштедат скоро 82,25 милиони евра.

“Кога се носеше буџетот за 2021 година, беше посочено дека покрај буџетскиот дефицит од 568,1 милиони евра, кој се должи главно на потребите поврзани со ковид-кризата, треба да се отплати надворешен долг во вкупен износ од 605,6 милиони евра – во кој влегува и еврообврзницата од 2014 година и отплата на домашен долг од 99,5 милиони евра по основ на претходно издадени државни хартии од вредност и структурни обврзници. Остатокот од средствата ќе се обезбедат преку издавање на државни хартии од вредност на домашниот пазар, поволни развојни кредити од меѓународни организации и користење на депозити кои ги оставивме како резерви (бафери) во 2020 година“, рече Бесими.

Заедно со преземените обврски и отплата на обврските кои достасуваат, проекциите на Министерството за финансии покажуваат дека државниот долг на крајот на годината ќе изнесува 53,2%, додека јавниот 63,4%.