Европа добива свој „Суецки канал“

Крајниот рок за изградба на европската верзија на Суецкиот канал е близу, подготвен да испише историја и да воведе нова ера на економски можности за турската нација и поширокиот европски регион.
Амбициозниот проект за изградба на Истанбулскиот канал  добива на интензитет во Турција.

Целта на иницијативата, започната во 2021 година од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, е да го претвори градот Истанбул во глобален трговски центар.

Трошоците се проценуваат на над 23 милијарди евра.

Проектот првично наиде на отпор поради загриженоста за неговото влијание врз екосистемот на Истанбул. Сепак, турската влада не се откажува од својата визија за 2023 и 2053 година, укажувајќи на економските и комерцијалните придобивки што каналот ќе ги донесе на нацијата, пренесува Блиц.

Новиот воден пат ќе го заобиколи сегашниот Босфор.

Со него Европа ќе добие свој Суецки Канал, со план огромниот град – кој има своја европска и азиска страна – да го претвори во остров, наведува „Експрес“. Имено, Истанбулскиот канал би ја пресекол сегашната европска страна на Истанбул и на тој начин би формирал остров меѓу Азија и Европа.

Истанбулскиот канал е стратешки позициониран во западниот дел на Истанбул, поврзувајќи ги Мраморното и Црното Море – а со тоа и Егејското и Медитеранот. Со должина од 45 километри, ширина од 400-1.000 метри и длабочина до 25 метри, каналот ќе има шест мостови кои ќе го поврзуваат со европската страна на Истанбул.

Ердоган претходно ја нарече иницијативата свој „луд проект“ и укажа на нејзината важност.

– Денеска отвораме нова страница во историјата на турскиот развој. Го гледаме Истанбулскиот канал како проект за спас на иднината на Истанбул… за да се обезбеди безбедност на животот и имотот во истанбулскиот Босфор и граѓаните околу него – рече тој во 2021 година.

Што предвидува проектот?
Каналот, чија изградба се очекува во 2027 година, треба да го позиционира Истанбул како глобален трговски центар, обезбедувајќи витален воден пат паралелно со познатиот Босфор. Оваа стратешка локација се очекува да привлече бројни комерцијални и туристички проекти, што дополнително ќе ги зголеми економските перспективи на градот.

Проектот вклучува и изградба на пристаниште – голем терминал во Црното Море во близина на аеродромот во Истанбул – логистички центри и вештачки острови, како и нови станбени зони отпорни на земјотрес долж каналот.

Вредноста на проектот за Истанбулскиот канал е околу 23,5 милијарди евра, од кои 9 милијарди се за градежни површини од двете страни на каналот и 14 милијарди за изградба.

Се претпоставува дека по новиот канал ќе се движат околу 160 бродови дневно, вклучувајќи и танкери со носивост до 300.000 тони.

Фото: kanalistanbul.gov.tr