Европската унија во понеделникот го претстави планот за изградба на сателитски систем во ниската орбита на Земјата, кој ќе обезбеди широкопојасен интернет пристап. Ова ќе ја намали зависноста на блокот од странски компании и ќе ги заштити клучните комуникациски услуги и податоци од надворешно мешање.
Вредноста на проектот се проценува на 6,8 милијарди евра со финансирање и од јавни и од приватни извори, објави „Блумберг“. Европската комисија планира да одвои 2,4 милијарди евра од својот буџет за реализација на проектот во периодот од 2022 до 2027 година, а преостанатите средства ќе бидат од земјите членки, Европската вселенска агенција и приватни компании. Се очекува програмата да започне следната година.
Комесарот за внатрешен пазар, Тиери Бретон изјави за францускиот телевизиски канал „BFM“ дека Европа треба да има своја констелација на интернет сателити. Според него, имплементацијата на проектот ќе помогне да се зајакне сајбер безбедноста и стабилноста на телекомуникациската инфраструктура на земјите од ЕУ, а истовремено да се обезбеди брз широкопојасен пристап за луѓето од Европа и Африка.
Во моментов, во овој сегмент доминира американскиот SpaceX на Елон Маск, кој лансираше околу 2.000 интернет сателити, градејќи ја глобалната мрежа Starlink. Компанијата има предност во однос на другите добавувачи поради можноста да користи свои ракети за повеќекратна употреба за лансирање сателити.
Основачот на Amazon, Џеф Безос, исто така планира да изгради сличен сателитски систем наречен Project Kuiper. Стартап компанијата OneWeb, која беше купена од владата на Британија по банкрот, би можела да стане конкурент на Американците во Европа.
OneWeb сега е дел од конзорциумот кој ги вклучува индискиот конгломерат Bharti Global, јапонската SoftBank Group и францускиот сателитски оператор Eutelsat SA. Конзорциумот веќе лансираше во орбитата две третини од 648 сателити планирани за почетната фаза на соѕвездието.