
Наоѓањето прифатливо и пристојно место за живеење стана сè потешка задача низ цела Европа. Трошоците за домување денес сочинуваат една петтина од просечниот приход на домаќинството во Европската Унија, додека во некои земји овој удел е значително поголем – во Грција достигнува дури 35 проценти, според податоците на Евростат.
Зголемувањето на цените на кириите претставува огромен товар за граѓаните. Во текот на 2025 година, кириите во ЕУ се зголемија во просек за 3,1 процент, но во некои земји инфлацијата на кириите достигна двоцифрена бројка.
„Клучната динамика е многу едноставна: побарувачката расте побрзо од понудата“, изјави за „Euronews Business“, Кејт Еверет-Ален, раководител на истражувањето за европски домување во „Knight Frank“.
„Притисокот врз прифатливоста на пазарот на домување, особено затоа што каматните стапки на хипотеките остануваат релативно високи – принуди повеќе домаќинства да изнајмуваат, особено оние што купуваат за прв пат“, вели Еверет-Ален.
Низ цела ЕУ, просечните стапки на раст на цените на изнајмувањето се движеа од 1% во Финска до загрижувачки 17,6% во Хрватска. Покрај Хрватска, инфлацијата на изнајмувањето беше особено висока и во Грција (10%), Унгарија (9,8%), Бугарија (9,6%) и Романија (8,2%).
Еверет-Ален истакна дека самата понуда е исто така под сериозен притисок. Даночните и регулаторните промени го намалија интересот на сопствениците на недвижности на некои пазари, додека барањата за енергетска ефикасност и трошоците за реновирање го отежнуваат одржувањето на имотите за изнајмување. Ограничувањата за краткорочно изнајмување (како што е „Airbnb“) помагаат само маргинално, не доволно за значително зголемување на понудата.
Три најголеми економии под просекот на ЕУ
Покрај Финска (еден процент), годишниот раст на изнајмувањето остана под просекот на ЕУ во Луксембург (1,6 проценти), Малта (1,7 проценти), Словенија (1,9 проценти), Германија (2,1 процент), Данска (2,2 проценти), Франција (2,3 проценти) и Шпанија (2,4 проценти). Од четирите најголеми економии на ЕУ, само Италија (3,8 проценти) забележа раст над европскиот просек, но за помалку од еден процентен поен.
Од друга страна, земји како Чешка (6,1 проценти), Латвија (5,7 проценти), Литванија (5,6 проценти), Португалија (5,3 проценти), Шведска (5,3 проценти), Холандија (5,1 процент) и Словачка (5,1 процент) забележаа раст над 5 проценти.
Растење на трошоците за сопствениците на недвижности
„Зголемувањето на кириите во 2025-та година беше поттикнато од силната побарувачка, бидејќи високите цени на недвижностите ги турнаа многумина во секторот за изнајмување“, објаснува Мик Калмет од „Global Property Guide“.
Според него, растечките трошоци за самите сопственици на недвижности, особено оние со долгови, постепено се префрлија на закупците, што дополнително ги зголемува цените.
Пазарите со помала регулација и поограничена понуда бележат најголеми скокови, додека земјите со контрола на кириите или веќе екстремно високи основни цени бележат побавен раст.
Турција – драматичен исклучок
Кога ќе се земат предвид земјите-кандидатки за ЕУ и членките на ЕФТА, Турција се издвојува како апсолутен рекордер меѓу 36-те набљудувани земји, со неверојатна годишна инфлација на кирии од 77,6 проценти. Колку е далеку напред Турција, покажува фактот дека Црна Гора е на второ место со раст од 18,5 проценти.
„Инфлацијата во Турција е исклучително висока, што значи дека таа сочинува голем дел од ова номинално зголемување на цените на кириите“, вели Еверет-Ален, додавајќи дека купувањето стан во земјата станало речиси невозможна мисија.
Иако турската влада го ограничи зголемувањето на кириите на 25 проценти во јули 2022-ра година (мерка што траеше до јули 2024-та година), ова имаше спротивен ефект. Сопствениците на недвижности се обидоа да ги надоместат своите загуби од старите закупци со драстично зголемување на цените за новите закупци, што го започна вртоглавиот раст на просечните пазарни цени. Во исто време, нето минималната плата во Турција се зголеми за 27 проценти во 2026-та година во споредба со 2025-та година, а речиси 40 проценти од работниците ја добиваат.
Регионално, Источна Европа и Балканот бележат значително поголем раст на цените за изнајмување од другите региони, со исклучок на Македонија (3,3 проценти). Силниот раст во земји како Хрватска и Црна Гора се објаснува со нивната зголемена привлечност како дестинации за долгорочно и краткорочно изнајмување, со што стануваат силен конкурент на традиционалните пазари како што се Шпанија и југот на Франција.











