Европа, Русија и гасот: Анализа на три можни сценарија

114

Рускиот гас сочинува околу 40% од увозот на природен гас во ЕУ, Русија обезбедува само 5% од британскиот увоз на гас, а САД воопшто не увезуваат гас од Русија.

Во екот на воените тензии, украинската криза, но и светската криза, нестабилните пазари и пеколните цени (од храна до гориво) – „на маса“ се бројни прашања. Сепак, можеби најболната точка во Европа во моментов е гасот, тој што пристигнува од Русија, а кој продолжува непречено да тече низ Украина.

Ниту економски најсилните земји не се имуни или поштедени, додека производството станува помалку профитабилно, поради високите цени. Треба да се повлечат и овие паралели: рускиот гас сочинува околу 40% од увозот на природен гас во ЕУ, Русија обезбедува само 5% од британскиот увоз на гас, а САД воопшто не увезуваат гас од Русија.

Значи, самата почетна позиција на овие земји и нивниот однос кон рускиот гас не се исти. Блумберг ја анализира моменталната ситуација и како би можеле да се одвиваат работите во Европа без протокот на овој енергенс од Русија.

3 потенцијални сценарија

По мрачниот корона период, прогнозите за закрепнување во 2022 година беа ветувачки, но почнувајќи од 24 февруари, кога започна рускиот напад на Украина – сè се смени. Се зголемуваат проблемите во снабдувањето со енергија и се прават нови мрачни прогнози.

Можноста Европа да го забрани увозот на руска нафта, како што направија САД пред неколку дена, ја зголеми цената на барел на рекордно ниво, но го отвори и прашањето за Европа и рецесијата. Имено, бидејќи поголемиот дел од Стариот континент е зависен од руските енергетски извори – без нив веројатно ќе потоне во рецесија.

Сценарио 1: Брза деескалација на конфликтот во Украина

Тоа би значело враќање на цената на нафтата на 100 долари за барел, а на гасот на 100 долари за мегават-час. Во оваа перспектива, инфлацијата во еврозоната благо би пораснала, растот на БДП малку би забавил, а Европската централна банка (ЕЦБ) ќе се држи до планот за зголемување на каматните стапки во декември.

Според досегашните информации, ЕЦБ одлучила да ги задржи каматните стапки непроменети, поради сè уште неизвесната ситуација во Украина. Сепак, Банката ги изненади пазарите со најавата дека ќе ја заврши програмата за купување обврзници пред предвиденото – во третиот квартал на 2022 година.

Сценарио 2: Моментално важи

Претпоставува долготраен конфликт во кој САД и Европа ги одржуваат воведените санкции, а Русија одговара на нив – со контрамерки. Во тие околности, гасот би достигнал 200 долари за мегават-час, додека нафтата би била во вредност од 130 долари за барел. Сценариото 2 ја турка инфлацијата за 1,5 процентни поени во еврозоната, а истовремено ја намалува куповната моќ на домаќинствата.

Сценарио 3: Русија го прекина снабдувањето со гас

Претседателот на Русија Владимир Путин во четвртокот изјави дека „Русија продолжува да ги исполнува своите обврски“, но Блумберг тоа прашање го остава отворено.

Ако Русија го прекине протокот на гас, односно да ја снабдува Европа со овој енергенс, тоа би предизвикало пад на БДП од 3 процентни поени, а можеби и повеќе. Има многу фактори во игра: неизвесност, трговски мерки, построги услови за финансирање. Тогаш еврозоната би потонала во рецесија, а ЕЦБ веројатно би посегнала по ново монетарно олеснување.