Европа се отвора за странски туристи, но под одредени услови

94

Европа се отвора за странски посетители по повеќе од година дена ограничувања предизвикани од пандемијата со Ковид-19. Но, мерките и ограничувањата се разликуваат од земја до земја.

Вакцинираните лица смеат да влезат во Франција, но само со вакцини одобрени од ЕУ – Pfizer, AstraZeneca, Moderna или Јohnson&Johnson, пренесува Aljazeera Balkan.

Границите на Франција официјално се повторно отворени. Вакцинирани посетители од земји надвор од ЕУ и неколку “зелени“ земји сепак ќе треба да направат ПЦР тест не постар од 72 часа или антиген тест не постар од 48 часа.

Забраната за влез се однесува на туристи од 16 земји на црвената листа, на која се наоѓаат Индија, Јужна Африка, Бразил.

Невакцинираните лица од земјите на “портокаловата листа“, вклучувајќи ги САД и Велика Британија не можат да доаѓаат од туристички причини.

Италија сега им дозволува на туристите од Соединетите Држави, Канада и Јапонија да влезат ако ги исполнуваат предусловите. Ова вклучува целосна вакцинација, документирано закрепнување од Ковид-19 во последните шест месеци или негативен тест направен 48 часа пред пристигнувањето во Италија.

Од понеделник, туристите од Велика Британија мора да бидат ставени во карантин пет дена по пристигнувањето, поради загриженоста во Италија за делта варијантата  на Ковид-19 која владее во Велика Британија. Забранети се туристи што летаат од Индија, Бангладеш и Шри Ланка или кои престојувале во овие земји во последните 14 дена.

Грција започна да се отвора за американските туристи уште во април, а сега тоа им е дозволено на посетителите од Кина, Велика Британија и повеќе од 20 други земји. Секој мора да достави потврда за вакцинација или негативен ПЦР тест. Оваа директива истекува на 14 јули, но може да биде продолжена.

Шпанија ја започна летната туристичка сезона со добредојде на вакцинирани туристи од САД и повеќето земји, како и европски посетители кои можат да докажат дека не се заразени.

На Американците и на повеќето други кои граѓани кои не се од Европа им треба официјален сертификат за вакцини од здравствените власти. Шпанија ги прима оние кои биле вакцинирани со четири вакцини одобрени од ЕУ, како и две кинески вакцини одобрени од Светската здравствена организација –  вакцинирани најмалку две недели пред патувањето, (Pfizer-BioNTech, Moderna, Astra-Zeneca, Janssen/Johnson&Johnson, Sinovac и Sinopharm).

На туристите од Бразил, Јужна Африка и Индија во моментов им е забранет влез во земјата.

Препорака на ЕУ

Граѓаните на ЕУ треба да обезбедат доказ за вакцинација, сертификат што покажува дека неодамна закрепнале од Ковид-19 или негативен тест. Европската унија им препорача на земјите членки да ги укинат ограничувањата за туристите од САД, заедно со неколку други земји, вклучувајќи ги Северна Македонија, Албанија, Србија, Либан и Тајван.

Но, препораката не е обврзувачка и националните влади имаат овластување да бараат евиденција за вакцинација и да постават други услови за влез.

Фото: Pixabay