Европа собира гас оставајќи ги сиромашните земји во мрак и студ

77

Главни жртви на повлекувањето на Европа од купувањето руски гас станаа најсиромашните земји во светот, кои се исклучија од светскиот пазар на „синото гориво“, пишува Блумберг.

Како што објаснува весникот, Европејците се подготвени да купуваат американски и катарски природен гас без оглед на цените, што ги прави земјите во развој непожелни клиенти за добавувачите. Како резултат на тоа, Индија, Пакистан и други земји се доближуваат до Русија, која е подготвена да снабдува ресурси со голем попуст, а размислуваат и за префрлање на поевтини видови на гориво.

Без разлика на високите цени, Европа ќе ја преживее зимата, бидејќи купила доволно нафта и гас за грејната сезона, пишува Блумберг. Многу поголеми загуби ќе претрпат најсиромашните земји во светот, кои се отсечени од пазарот на природен гас поради големиот скок на побарувачката во Европа, наведува агенцијата.

Земјите во развој не се во можност да ги задоволат нивните потреби во моментов, но и во блиска иднина. Најверојатни последици од таквата состојба се застојот на производството, почестите прекини во снабдувањето со електрична енергија и растот на социјалното незадоволство во текот на следната деценија, предупредуваат авторите на написот.

-Европа по секоја цена цица гас од други земји, вели Сол Кавониќ, аналитичар во Credit Suisse Group AG, пренесува Новости.рс.

Студеното време во Јужна Азија, со мали шанси да се обезбеди долгорочно снабдување со енергетски ресурси, доведува до влошување на енергетската криза во земји како Пакистан, Индија, Индонезија и Филипините. Силниот американски долар само ја влошува ситуацијата, принудувајќи ги земјите да избираат помеѓу купување гориво и плаќање на долговите. Во такви околности, глобалните добавувачи на енергетски ресурси се сè повнимателни за продажба на енергија на земји кои можеби се на работ на банкрот, пишува агенцијата.

Како што е објаснето во текстот, коренот на проблемот е реакцијата на Европа на намалувањето на количината на испораките на гориво и украинскиот конфликт. Исклучени од рускиот гас, европските земји се свртеа кон пазарот на самото место, каде што енергијата што не е резервирана станува достапна за испорака во краток рок. Според трговците, поради ненадејниот раст на цените, некои добавувачи ги откажале долго планираните испораки во Јужна Азија заради повисоки приходи од продажба во други земји.

Европа, пак, ја забрзува изградбата на терминали за ЛНГ за да може во иднина да увезува повеќе гориво. Според податоците на Bloomberg NEF, побарувачката за природен гас во Европа се очекува да порасне за речиси 60 отсто до 2026 година. Извозниците во Катар и САД моментално добиваат нарачки од европските увозници кои сакаат да добијат гориво за да пополнат нови капацитети. Земјите како Пакистан, Бангладеш и Тајланд за првпат се принудени да се натпреваруваат со цените на Германија и другите земји, кои неколкукратно ги надминуваат нивните економски капацитети, нагласуваат авторите на текстот.

Добавувачите на ЛНГ, пак, стравуваат дека сиромашните земји нема да можат да платат ниту за испораките. Во моментов една серија од таа енергија чини речиси 100 милиони долари, односно три пати повеќе од пред десет години. Во националните валути, трошоците се уште повисоки, бидејќи доларот продолжува да расте.

Без испораки на руски гас во Европа, светскиот пазар на гас ќе остане во состојба на тензија, а цените на спот нема да паднат, прогнозира агенцијата. Немајќи можност да обезбедат долгорочно снабдување, земјите во развој би можеле да се свртат кон „валкани“ извори на енергија, според авторите на текстот. Недостигот на енергија веќе ги привлече земјите во развој поблиску до Русија, која „била повеќе од среќна да им понуди гориво на Пакистан, Индија и други земји отсечени од пазарот на самото место“, според Блумберг.

– Склучивме договор со руската страна. Се разбира, ние сме многу заинтересирани за купување на течен природен гас. Ако богатите земји го земат целиот природен течен гас, што ќе биде со нас?, изјави за руските медиуми пакистанскиот амбасадор во Русија Шафкат Али Кан.

Иако вкупниот увоз на ЛНГ во Кина делумно се намали поради високите цени, земјата го зголеми купувањето на руски ЛНГ со длабок дисконт. Според податоците собрани од агенцијата Блумберг, испораките од Русија во Кина се зголемиле за околу 25 отсто оваа година.

Сиромашните земји би можеле да се префрлат и на поевтини видови на гориво, како јаглен или нафта, или да го забрзаат производството на сопствени ресурси, велат авторите на текстот.

За луѓето загрижени за климатските промени и еколошките прашања, ниту една опција не изгледа добро, пишува Блумберг. Јагленот и нафтата ја загадуваат животната средина многу повеќе отколку гасот.