Европол мора да уништи 4 петабајти приватни податоци што ги собрал за граѓаните на ЕУ

121

ЕДПС, европскиот супервизор за заштита на податоците, е независно надлежно тело на Европската унија одговорно да обезбеди институциите, телата, канцелариите и агенциите да се усогласат со законите за заштита на податоците при обработката на податоците. Тие на почетокот на годинава и наложија на европската полициска агенција Европол да избрише од нивните бази на податоци огромни количини на приватни податоци за граѓани кои ги собирале во текот на годините, а не се директно поврзани со криминални истраги.

Ова е резултат на истрагата спроведена од страна на ЕДПС од 2019 година, која откри дека Европол складира големи количини на собрани податоци за лица, без јасна категоризација. Надзорникот го предупреди Европол во 2020 година, но практиките за масовно собирање податоци не беа доволно подобрени. Според ЕДПС, Европол ги чувал податоците подолго од потребното, а имал и податоци за луѓе кои не се под истрага.

Поради овие причини, сега е наредено дека сите податоци постари од 6 месеци мора да се избришат доколку не се соодветно категоризирани. Како резултат на оваа наредба, Европол ќе мора да избрише околу 4 петабајти податоци постари од половина година, кои се однесуваат на лица кои не се опфатени со истрагите.

Имено, Европол при својата работа добива големи количини на податоци од полициите на земјите членки на ЕУ. Според прописите, им е дозволено само да обработуваат податоци поврзани со истрагата, а се покажа дека оваа класификација на податоците оди премногу бавно. Поради тоа, оваа организација со години чувала податоци во своите архиви без категоризација, така што имало голем број на податоци за лица кои не се опфатени со истрагите – што ЕДПС го смета за недозволиво.

„Европол е изложен на ризици при обработката на податоците, што беше откриено со првата истрага на ЕДПС. Сепак, нема значаен напредок во однос на главниот проблем, а тоа е дека Европол континуирано чува приватни лични податоци, дури и кога не идентификувал таква обработка на податоци, во согласност со ограничувањата утврдени со европските регулативи“, велат од ЕДПС. Собирањето и обработката на податоците на овој начин може да генерира огромни количини на информации, чија содржина често е непозната за Европол додека не се анализираат податоците – процес кој често трае со години.

Затоа, за да може полициската агенција да ги почитува регулативите на ЕУ, сега ќе има најмногу шест месеци да ги обработи и анализира собраните податоци, а потоа да ги избрише доколку тие не се директно поврзани со истрагите што ги спроведува. ЕДПС им даде 12 месеци да се прилагодат на оваа практика. Сигурни се, велат, дека Европол ќе може да ги почитува европските прописи и да продолжи да ја врши својата редовна работа согласно прописите.