Европска метропола до крајот на годинава ќе воведе исклучиво електричен јавен превоз

Осло наскоро ќе биде првиот главен град со целосно нула емисија на стакленички гасови. Имено, до крајот на оваа година превозот во главниот град на Норвешка ќе биде исклучиво електричен.

Градот ги заменува своите дизел автобуси со 450 електрични автобуси за кои Осло вели дека сега чинат помалку од нивните еквиваленти на дизел. Тие се поевтини за работа и одржување, а освен што ги намалуваат емисиите, го намалуваат и целокупното загадување на воздухот и бучавата, објави Глобалната коалиција за нова мобилност (GNMC), дел од Центарот за урбана трансформација на Светскиот економски форум (СЕФ).

Исто така, трамваите и траектите во Осло веќе се електрични, а се проценува дека електрификацијата на автобускиот возен парк ќе намали три отсто од вкупните емисии на гас во Осло. Се вели дека е дел од целта на градот да стане првиот во светот со нула емисии до 2030 година.

За потсетување, Европската агенција за заштита на животната средина (ЕЕА) минатата година објави листа на десет главни градови со најмногу зелени површини. Осло е на прво место и 77 отсто од него се зелени површини.

Освен Осло, и другите градови низ светот го електрифицираат јавниот превоз. Една третина од автобусите во Европската унија треба да бидат електрични до 2030 година, а Лос Анџелес има таков план за својот автобуски возен парк, со цел да постигне нула емисија на штетни гасови за седум години.