Европската централна банка повторно ги зголеми каматните стапки

Управниот совет на Европската централна банка (ЕЦБ) денес одлучи да ги зголеми трите клучни каматни стапки на ЕЦБ за 25 базични поени. Конфликтот на Блискиот Исток продолжува да создава инфлаторни притисоци, а се очекува инфлацијата да остане далеку над целното ниво подолг период.

Денешната одлука ја потврдува посветеноста на Управниот совет за водење монетарна политика што ќе обезбеди стабилизација на инфлацијата на целта од два проценти на среден рок, се вели во соопштението на ЕЦБ.

Основното сценарио на новите проекции од страна на експертите на Евросистемот предвидува дека вкупната инфлација ќе изнесува во просек 3,0 проценти во 2026 година, 2,5 проценти во 2027 година и 2,1 процент во 2028 година.

Без цените на енергијата и храната, основното сценарио предвидува инфлација од 2,5 проценти во 2026 година, 2,6 проценти во 2027 година и 2,3 проценти во 2028 година. Во споредба со јуни, основната проекција за инфлација за 2026 година остана непроменета, додека за 2027 и 2028 година беше ревидирана нагоре.

Основното сценарио на проекцијата за економски раст предвидува раст од 0,9 проценти во 2026 година, 1,4 проценти во 2027 година и 1,5 проценти во 2028 година. Ова претставува ревизија нагоре за 2026 и 2027 година, првенствено поради поголемата од очекуваната отпорност на економијата на Еврозоната.