Европската Комисија со позитивни оценки за работата на НБРМ

24

Народната банка на Република Македонија, според оценките на Европската Комисија бележи континуиран, одличен напредок во остварувањето на своите цели и задачи, во согласност и со законодавството на Европската Унија, објавија од НБРМ.

Во годинешниот извештај за напредокот на Република Македонија за 2018 година, наведено е дека продолжува низата на позитивни оценки за водењето на монетарната политика и воопшто за централнобанкарското работење во нашата држава, коишто Европската Комисија ги упатува неколку години наназад.

Меѓу другото, во годинешниот Извештај е изнесена оценка дека “во однос на монетарната политика, усогласувањето на правната рамка со легислативата на Евроската Унија и натаму добро напредува“. Истовремено, потенцирано е и дека треба да продолжат активностите за  обезбедување функционална и институционална независност на централната банка.

Европската Комисија, во поглавјето за економската и монетарната политика, одделно истакнува дека во Република Македонија, законот за централната банка забранува финансирање на јавниот сектор, како и привилегиран пристап на јавниот сектор до финансиските институции, што е мошне значајно од аспект на централнобанкарското работење во согласност со правилата на Европската Унија, според кои, како што е потенцирано и на почетокот на ова поглавје, централните банки мора да бидат независни и им се забранува директно финансирање на јавниот сектор.

Во таа насока, особено значајна е експлицитно изнесената констатација на Европската Комисија дека законски утврдената основна цел на Народната банка на Република Македонија – постигнување и одржување на ценовната стабилност, “целосно е во согласност со основната цел на Европскиот систем на централни банки“.

Во Извештајот, одделно е нагласено и дека “централната банка, активно го користи стандардниот сет на монетарни инструменти, како што се операциите на отворениот пазар и задолжителната резерва и одржува фиксен девизен курс на денарот во однос на еврото“, како и дека според оценките на Европската Комисија, “девизните резерви се одржуваат на соодветно ниво“.

Ваквите оценки и констатации за водењето на монетарната политика и воопшто за централнобанкарското работење во земјава, нотирани во Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Република Македонија за 2018 година, за Народната банка на претставуваат клучна потврда дека со катадневната посветеност на својот институционален развој и со цврстата, демонстрирана решеност во остварувањето на своите законски цели и задачи да постапува во согласност со ЕУ-правилата е на вистинскиот пат – патот којшто води кон Европскиот систем на централни банки.