Европската унија договори нов пакет санкции против Русија, голем број земји се загрижени

56

Претставниците на земјите членки на Европската унија постигнаа нацрт-договор за нови санкции против Русија, кој вклучува ограничување на цената за продажба на руската нафта, изјавија седум европски дипломати за Политико.

Пакетот, кој е осма рунда санкции против Москва, беше предложен од претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен минатата недела, откако рускиот претседател се закани со нуклеарно оружје и мобилизираше стотици илјади резервисти. Голем број земји од ЕУ изразија загриженост за новите мерки, особено во однос на ограничувањето на цената на нафтата, а деталите допрва треба да бидат потпишани во писмена форма.

Забраната за најголем дел од увозот на сурова нафта од Русија ќе стапи на сила во декември. Увозот на јаглен е веќе укинат, а снабдувањето со гас од Русија во Европа е сериозно ограничено – прво со игрите за моќ на Путин, а потоа и со саботажа на двата подморски гасоводи Северен тек.

Некои земји се загрижени
Нацрт-мерките даваат правна основа за одредување на плафонот на цените, за кој претходно се договорија земјите од Г7. Сè уште нема одлука за вистинската цена или опсегот на цените на идното ограничување, иако САД предложија дека ќе се одлучи во рок од неколку недели.

Малта, Грција и Кипар, чии флоти танкери носат најголем дел од руската нафта, беа загрижени за можното влијание на мерката врз нивните поморски индустрии. Тоа доведе до одредени отстапки за тие земји, според нацртот на текстот што го виде Политико.

Што друго содржи пакетот санкции?
Да потсетиме, минатата недела Европската комисија претстави нов пакет санкции, кој вклучува неколку забрани за увоз и извоз, проширување на листата на санкционирани физички и правни лица и забрана на граѓаните на ЕУ да седат во управните одбори на руски државни компании.