
Членките на Европската Унија сакаат да ја вклучат енергетската политика во пошироките напори насочени кон намалување на бирократијата за проблематичните индустриски сектори, според нацрт-заклучоците подготвени за состанокот на министрите за енергија на ЕУ што ќе се одржи следниот месец, а кои ги виде агенцијата Ројтерс.
Европската комисија покрена иницијатива за намалување на различните слоеви на бирократија за кои европските компании велат дека ги ставаат во неповолна положба во споредба со конкуренцијата од Кина и САД, каде што американската влада на претседателот Трамп агресивно ги отстранува регулативите и разните прописи во последните месеци.
Откако го објави првиот бран таканаречен „омнибус пакет мерки за поедноставување“, кој треба да ги скрати некои правила за известување поврзани со одржливоста, Комисијата сега разгледува кои други европски регулативи би можеле да се укинат со цел да се намали бирократскиот товар.
Се очекува дека 27-те земји-членки на ЕУ ќе го поддржат вклучувањето на енергетските политики во тие мерки, според нацрт-заклучоците за министерскиот состанок на 16 јуни. Во него се поддржуваат плановите за поедноставување на голем број европски закони и се вели дека „се очекува ова да има големо влијание врз намалувањето на регулаторното оптоварување врз компаниите во енергетскиот сектор, како и врз енергетски интензивните индустрии, а сепак да биде усогласено со целите на европската политика“.
Дипломатите на ЕУ сè уште преговараат за заклучоците од нацрт-договорот, кој би можел да биде изменет пред министрите да го одобрат во јуни. Напорите на Брисел во насока на поедноставување на биократијата досега наидоа на две реакции. Иако некои индустрии ги поддржуваат ваквите најави и ги сметаат за зголемување на сопствената конкурентност, некои големи компании изјавија дека предложените мерки не нудат олеснување од бирократијата – а некои инвеститори и активисти го критикуваа слабеењето на правилата за одржливост, велејќи дека тоа е удар врз напорите на Европа за борба против климатските промени.
Мерките што земјите сакаат да ги поедностават се поврзани со пропишаните обврски на ЕУ за заштеда на енергија и европските правила за штетни емисии на метан, потврдија за Ројтерс неколку дипломатски извори. Дипломатите изјавија дека се очекува конечната верзија на заклучоците да ги изостави плановите на Брисел да предложи закон во јуни за целосна забрана на увозот на руски природен гас до крајот на 2027 година.
Дипломатите велат дека ова е така бидејќи членките на ЕУ мора едногласно да ги одобрат заклучоците, што значи дека која било од 27-те влади на ЕУ може да ги блокира. Унгарија и Словачка веќе изјавија дека се противат на планот за укинување на рускиот синџир за снабдување со енергија.