Европските берзи драстично паѓаат- Постои загриженост дека ќе започне трговска војна

Цените на акциите на европските берзи утринава остро паднаа бидејќи инвеститорите стравуваат од трговска војна, откако Вашингтон воведе царини за увоз од Канада, Мексико и Кина, а исто така и се закани на Европската унија.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше намален за 1,3 отсто во 9:30 часот, лизгајќи се од рекордно високо ниво.

Лондонски FTSE индекс се намали за 1,17 отсто, на 8.570 поени, додека франкфуртски DAX потона за 1,98 отсто, на 21.300 поени, а париски CAC 1,94 отсто, на 7.795 поени.

Најмногу утринава паднаа цените на акциите во автомобилскиот сектор, во просек за околу 4 отсто, додека технолошкиот, индустрискиот и рударскиот сектор поевтинија за повеќе од 2 отсто.

Нагло паднаа и цените на акциите на азиските берзи. Јапонскиот индекс Никеи во 9:30 часот беше намален за 2,7 отсто, додека цените на акциите во Хонг Конг, Австралија и Јужна Кореја паднаа меѓу 0,2 и 2,5 отсто.

Кинеските берзисе затворени поради прославата на Лунарната Нова Година.

Остриот пад на цените на акциите е последица на одлуката на американскиот претседател да воведе царини. По долготрајните закани, Трамп во текот на викендот потпиша извршна наредба со која се воведуваат царини од 25 отсто за увоз од Мексико и Канада и 10 отсто за кинески производи. Таа одлука ќе почне да се применува од вторник.

Се најавуваат контрамерки.
Сите три земји веднаш најавија контрамерки, поради што инвеститорите стравуваат од трговска војна.

Трамп, исто така, рече дека наскоро планира да воведе царини за увоз од Европската унија.

Поради сето ова нагло паднаа и американските фјучерси индекси, па попладнево се очекува пад на цените на акциите на Волстрит.

Во моментов, фјучерсите на индексот S&P 500 се намалени за 1,9 отсто, а Nasdaq за повеќе од 2 отсто.

„Потегот на Трамп е првиот удар во она што може да прерасне во катастрофална глобална трговска војна и да предизвика инфлацијата во САД да расте побрзо и повисоко отколку што првично проценувавме“, рече Пол Ешворт, аналитичар во Капитал Економикс.

Грег Дако, главен економист во EY, проценува, сепак, дека воведувањето тарифи ќе резултира со намалување на економскиот раст на САД оваа година за 1,5 процентни поени и може да доведе до стагфлација, истовремено туркајќи ги Канада и Мексико во рецесија.

Тоа секако ќе предизвика пад на приходите и заработката на компаниите, па може да се очекува многу нестабилно тргување на најголемите светски берзи во наредните денови, велат аналитичарите.