Европските берзи на нови рекордни нивоа – растот на фабричката активност ги охрабри инвеститорите

18

Европските берзи бележат нови рекордни нивоа денеска, поддржани од растот на акциите на енергетските компании и производителите на стоки наменети за потрошувачка, бидејќи позитивните економски податоци од САД и Европа го зголемија расположението за инвестиции.

Паневропскиот индекс STOXX 600 порасна за 0,4% на почетокот на тргувањето, пренесува Ројтерс.

Силната експанзија на фабричката активност во САД и Европа во мај поттикна скок на акциите на светските пазари на капитал, а инвеститорите сега очекуваат дека податоците на САД за бројот на нови работни места кои треба да бидат објавени во петок, да го потврдат солидното закрепнување на најголемата светска економија.

Акциите на компаниите за нафта и гас се зголемија за 1,1 %, што резултираше со добивка во тие сектори во Европа, водено од зголемувањето на цените на суровата нафта по одлуката на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници да се држат до нивниот план за постепено зголемување испораките на пазарите во јуни и јули.

Данскиот луксузен производител на ТВ и стерео уреди Bang & Olufsen регистрираше скок на цената на акциите од дури 11,9 %, откако објави оптимистичка прогноза на заработката за целата година, а акциите на шведската компанија Volvo Trucks зајакнаа за солидни 2,7 %.

Фото: Pixabay