Европските берзи под притисок од војната на Блискиот Исток

На европските берзи утринава, главните индекси паднаа додека инвеститорите го проценуваа влијанието на геополитичките потреси на Блискиот Исток откако палестинската милитантна група Хамас во саботата изврши голем напад врз Израел.

Паневропскиот индекс Stoxx 600 околу 9:30 часот беше во минус од 0,35 отсто, а најмногу паднаа цените на акциите на хемиските и туристичките компании, во просек по 1,5 отсто. Сепак, цените на нафтата и гасот пораснаа за 2,2 отсто на позадината на растот на цената на суровата нафта.

Истовремено, франкфуртски DAX потона за 0,82 отсто, на 15.106 поени, париски CAC за 0,83 отсто, на 7.001 поен, а лондонски Ftse за 0,08 отсто, на 7.488 поени.

Меѓу најголемите губитници беа акциите на авиокомпаниите
Неколку стотици луѓе досега се убиени во конфликтот меѓу милитантите на Хамас и израелските сили што започна во саботата. Како резултат на тоа, цената на нафтата скокна за 4 отсто, а фјучерсите во САД паднаа бидејќи насилството го зголеми геополитичкиот ризик на веќе чувствителните пазари кои се справуваат со тврдоглавата инфлација и зголемените каматни стапки.

Меѓу најголемите губитници беа акциите на авиокомпаниите, вклучително и големите IAG, сопственик на British Airways, Air France, KLM и Lufthansa, кои паднаа меѓу 2,7 и 4,8 отсто поради загриженоста за високите трошоци за гориво. Сепак, цените на европските одбранбени компании, како што е германскиот Рајнметал, пораснаа за 7,2 отсто, поради изгледите дека конфликтот на Блискиот Исток би можел да трае одредено време.