
На европските берзи утринава цените на акциите пораснаа, по остриот пад претходниот ден, додека инвеститорите ја чекаат одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за реципрочни царини.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции порасна за околу 1 отсто во 9:30 часот, откако вчера падна за 1,5 отсто.
Лондонски FTSE индекс утринава зајакна 0,98 отсто, на 8.668 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 1,03 отсто, на 22.390 поени, а париски CAC за 0,88 отсто, на 7.860 поени.
Цените на акциите пораснаа и на азиските берзи. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции во 9 часот и 30 минути порасна за 0,7 отсто. Истовремено, јапонскиот индекс Никеи зајакна за 0,1 отсто, додека цените на акциите во Шангај, Австралија, Хонг Конг и Јужна Кореја пораснаа меѓу 0,4 и 1,6 отсто.
Растот на индексот главно се должи на корекцијата на цените на акциите по вчерашниот остар пад.
Сепак, натамошната насока на пазарот е целосно неизвесна и зависи од тоа Трамп да одлучи за реципрочни тарифи, кои треба да ги објави на 2 април, а кои ги нарече „Ден на ослободувањето“.
Пазарите се под притисок со недели затоа што Трамп веќе воведе царини за увоз на челик и алуминиум, најави царини за увоз на автомобили, ги зголеми царините за увоз од Кина… Во недела, пак, најави дека реципрочните царини ќе ги опфатат сите земји.
Во понеделникот тоа предизвика остар пад на цените на акциите на светските берзи, бидејќи Белата куќа неодамна објави дека новите царини ќе важат само за мала група од 10 до 15 земји со кои САД имаат најголеми трговски нерамнотежи, дека ќе има исклучоци и дека тарифите можеби нема да бидат толку високи како што беа најавени.
Бидејќи многу земји, вклучително и Кина, Канада и Европската унија, најавија контрамерки, инвеститорите стравуваат од ескалација на тарифната војна, што може да предизвика пораст на инфлацијата и негативно да влијае на меѓународната трговија и глобалниот економски раст.
Затоа во наредните денови се очекува многу нестабилно тргување.











