Европските берзи пораснаа по британските избори

21

На европските берзи цените на акциите благо пораснаа утринава бидејќи инвеститорите ги следеа вестите за општите избори во Британија, кои беа во согласност со очекувањата. Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во 9:30 часот порасна за 0,3 отсто. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,32 отсто, на 8.267 поени, додека франкфуртски DAX се зголеми за 0,46 отсто, на 18.535 поени, а париски CAC за 0,19 отсто, на 7.710 поени. Инвеститорите утрово ги следат резултатите од вчерашните општи избори во Британија.

Централно-левичарските лабуристи треба да освојат огромно мнозинство во 650-члениот парламент, додека конзервативците на Риши Сунак ќе го имаат својот најлош резултат во долгата историја на партијата бидејќи гласачите ги казнија за високи трошоци за живот, лоши јавни услуги и низа скандали.

И на повеќето азиски берзи цените на акциите паднаа. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските акции, беше намален за 0,2 отсто во 9:30 часот и се лизна од највисокото ниво од април 2022 година. Истовремено, јапонскиот Никеи индекс ослабе за 0,1 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Шангај и Хонг Конг паднаа меѓу 0,2 и 0,9 отсто. Во Јужна Кореја, пак, тие се зголемија за повеќе од 1 процент.

 Волстрит затворен
Јапонскиот индекс Никеи на самиот почеток на денешното тргување се проби над нивото од 41.000 поени за прв пат во историјата. Но, подоцна ги загуби првичните добивки бидејќи нема вести за поддршка на растот на пазарот.

Само јужнокорејскиот индекс Коспи утрово значително порасна, што најмногу се должи на скокот на цената на акциите на Самсунг, откако технолошкиот гигант објави проценки за силен раст на профитот во вториот квартал.

Има претпазливост на другите берзи бидејќи инвеститорите не сакаат да преземаат ризици пред објавувањето на извештајот за вработување во САД, што може да влијае на насоката на пазарот. Вчера поради празникот беше затворен Волстрит, додека во средата индексот S&P 500 достигна рекордно ниво, како и Nasdaq.