Европските берзи се претежно затворени – Еврото со благ раст во однос на доларот

Европските берзи денес беа претежно затворени поради Велигден според Грегоријанскиот календар, додека индексот на московската берза MOEX падна за 0,42 проценти на 2.748,98 поени, а цената на нафтата од типот Брент надмина 109 долари за барел.

Според податоците од енергетскиот пазар, цената на суровата нафта падна за 0,48 проценти на 111,083 долари за барел во 9:30 часот наутро, а цената на нафтата од типот Брент се зголеми за 0,55 проценти на 109,608 долари.

Активноста на берзата Форекс беше ограничена, а вредноста на еврото во однос на доларот се зголеми за 0,13 проценти на 1,15316 поени.

Цената на златото падна на 4.653,94 долари за тројанска унца, а цената на пченицата падна на 5,9069 долари за бушел (еден бушел е еднаков на 27,216 кг).

Американските берзи ќе се отворат повторно денес по празникот, а главните фјучерси на акциите беа мешани, при што Dow Jones падна за 0,1 процент, S&P 500 остана непроменет, а Nasdaq порасна за 0,2 проценти.

Во неделата, американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека САД ќе ги нападнат електраните и мостовите на Иран ако Ормутскиот теснец не се отвори до вторник, додека Ројтерс објави дека Вашингтон и Техеран добиле план за прекин на огнот подготвен од Пакистан, оставајќи ги пазарите збунети од спротивставени информации.

Инвеститорите ќе можат да реагираат на извештајот за вработување во САД за март, кој беше објавен во петок, по отворањето на американските берзи, објавува CNBC.

Американската економија додаде 178.000 работни места во март, што е далеку над консензусот на Dow Jones од 59.000.

Стапката на невработеност, исто така, се намали од 4,4 проценти на 4,3 проценти, иако ова во голема мера се должи на големиот пад на учеството во работната сила.

Менаџерот за портфолио во IFM Investors, Рајан Велдон, предупредува дека подеталниот поглед на извештајот открива некои слабости.

„Податоците за отпуштањата од почетокот на оваа недела се зголемија за прв пат по три месеци, а бројот на отворени работни места остана помал од очекуваното. Повисоките цени на нафтата веројатно ќе доведат до повисоки инвестициски трошоци и на крајот до повисока инфлација“, забележа Велдон.