
На европските берзи во понеделник наутро цените на акциите паднаа бидејќи, по неуспешните мировни преговори меѓу САД и Иран, на пазарите повторно владее неизвесност.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции падна за 0,7 проценти во 9:30 часот наутро, губејќи дел од добивките од минатата недела.
Утрово, лондонскиот индекс FTSE изгуби 0,43 проценти, на 10.556 поени, додека франкфуртскиот DAX се лизна за 0,94 проценти, на 23.580 поени, а парискиот CAC за 0,88 проценти, на 8.186 поени.
Цените на акциите паднаа и на азиските берзи. Индексот MSCI на акциите од Азиско-пацифичкиот регион падна за околу 1 процент во 9:30 часот наутро.
Во исто време, цените на акциите во Австралија, Хонг Конг, Јапонија, Јужна Кореја и Индија паднаа помеѓу 0,4 и 1,1 процент. Во Шангај, сепак, тие малку се зголемија.
По силниот скок од минатата недела, благодарение на договорот за двонеделно примирје меѓу САД и Иран, цените на акциите повторно паднаа утрово.
Имено, на пазарите повторно владее неизвесност бидејќи не беше постигнат договор меѓу американските и иранските преговарачи за условите за траен мир во Исламабад во саботата.
„Условите на пазарот сега се речиси исти како што беа пред договорот за прекин на огнот. Клучното прашање е дали САД ќе ги обноват нападите врз Иран, што го зголемува ризикот од напади врз енергетската инфраструктура во регионот. А последиците од ова би се почувствувале долго по завршувањето на таа војна“, вели Саул Кавоник, аналитичар во MST Marquee.











