Eвропските индекси во пад, цената на златото порасна

Европските и американските берзански индекси денеска се главно намалени бидејќи пазарите очекуваат американските увозни царини од 25 отсто за мексикански и канадски стоки, објавени од американскиот претседател Доналд Трамп, да стапат на сила подоцна во текот на денот.

Освен тоа, САД денеска воведуваат дополнителни царини од 10 отсто за стоки од Кина, а властите во Пекинг најавија дека ќе одговорат со сопствени царини и трговски ограничувања, пренесува CNBC.

Инвеститорите се загрижени дека царините повторно ќе ја разгорат инфлацијата во САД и ќе доведат до ескалација на глобалната трговска војна.

Индексот на Франкфуртската берза DAX во 9:30 часот падна на 22.783,60 поени, британскиот FTSE 100 на 8.835,34 поени, францускиот CAC 40 на 8.114,39 поени, додека московскиот MOEX се искачи на 3.231,35 поени.

Европските фјучерси на гас за април се тргуваа по 45.220 евра за мегават-час на отворањето на тргувањето на холандскиот центар ТТФ.

Цената на златото порасна на 2.914,27 долари за фина унца, а цената на пченицата на трговскиот одбор во Чикаго падна на 5.2940 долари за бушел.

Вредноста на еврото во однос на доларот на берзата Forex изнесува 1,04919, што е нешто повисоко од понеделникот.