
Цената на нафтата од типот Брент денес се искачи на повеќе од 86 долари за барел по новото разгорување на конфликтот меѓу Соединетите Американски Држави и Иран, а европските и американските берзански индекси се претежно во пад, додека пазарите чекаат податоци за јунската инфлација во Соединетите Американски Држави, како и резултатите од работењето на најголемите американски банки како што се JP Morgan Chase, Citigroup, Bank of America и Wells Fargo.
Според податоците на берзата во 9:30 часот наутро, цената на суровата нафта WTI порасна за 3,38 проценти на 80,791 долари за барел, а цената на нафтата Брент за 3,49 проценти на 86,235 долари.
Германскиот DAX падна за 0,35 проценти, францускиот CAC 40 за 0,62 проценти, британскиот FTSE 100 за 0,21 процент, додека московскиот MOEX порасна за 1,13 проценти.
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД ќе наметнат данок од 20 проценти на танкерите што пловат низ Ормутскиот теснец, додавајќи дека морскиот премин ќе биде отворен „со или без Иран“, што дополнително ја поттикна неизвесноста на глобалниот пазар на нафта, објави Блумберг.
Вредноста на еврото во однос на доларот на берзата Форекс денес е 1,13879 долари. Цената на златото се искачи на 4.026,36 долари за тројанска унца, а цената на пченицата падна на 6,3363 долари за бушел (еден бушел е еднаков на 27,216 кг).
Американскиот берзански индекс Дау Џонс падна за 0,26 проценти на 52.498,64 поени, S&P 500 за 0,79 проценти на 7.515,34 поени, а Nasdaq за 1,55 проценти на 25.873,18 поени.
Во среда резултатите ќе ги објават Goldman Sachs, Morgan Stanley и Blackrock, а во Европа холандскиот производител на машини за најнапредни чипови ASML.
Покрај тоа, податоците за продажбата на мало во САД и индустриското производство ќе бидат објавени во четврток, како и неделниот број на барања за невработени, заедно со кварталните резултати од компании како Netflix и TSMC.
Во петок ќе бидат објавени конечните податоци за јунската инфлација во еврозоната, што може да влијае на очекувањата за следните потези на Европската централна банка.











