Европските компании ги одложуваат нарачките за челик поради американските царини

Најмалку една третина од европските компании ги паузирале или одложиле нарачките од не’рѓосувачки челик поради американските увозни царини од 50 проценти, објави во понеделник финскиот производител „Оутокумпу“.

Спроведената анкета, пишува „Хина“, исто така покажа дека повеќе од половина од компаниите ја преиспитуваат својата стратегија за набавки.

Претседателката и извршен директор на „Оутокумпу“, Кати тер Хорст, изјави за „Ројтерс“ дека моменталните квоти за увоз на Европската Унија се превисоки, бидејќи глобалната побарувачка се забавува.

Со цел да се заштитат домашните производители, Европската комисија во октомври ќе објави, според неа, мерки што треба да го ограничат увозот на челик.

Новите давачки ќе ги заменат моменталните заштитни мерки, чија примена треба да заврши во летото следната година и би можела да стапи на сила дури и една четвртина порано, забележува тер Хорст.

Една третина од компаниите ги сменија добавувачите на челик од мај, а американското проширување на списокот на стоки што подлежат на царини во август создаде неизвесност кај купувачите на опрема и машини.

„Оутокумпу“ управува со единствениот рудник за хром во Европа и Северна Америка, минерал што се користи во не’рѓосувачки челик, кој е ослободен од американските царини.